Abdula Berisha
24 Септември 2019•Ажурирај: 25 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Медицинските здруженија во Северна Македонија организираа работен состанок со здруженијата на пациенти на којшто се дебатираше на тема „Како да ја вратиме довербата помеѓу пациентите и докторите“, јавува Anadolu Agency (AA).
На дебатата учествуваа претставници на повеќе здруженија, вклучувајќи ја Комората на здравствени работници, Лекарската, Стоматолошката, Фармацевтската комора, како и претставници на здруженијата за заштита на правата на пациентите.
Претседателката на Лекарската комора на Македонија, Калина Гривчева-Старделова, рече дека недоразбирањата кои во последно време се почести, треба да се решат заедно со пациентите.
„Проблемот не е од сега, секако. Проблемот често ни се случува, сите ние што работиме со пациенти секојдневно се среќаваме со насилство. Пак ќе кажам, проблемот не е само до пациентите", рече Старделова.
Таа, исто така рече дека треба да се работи повеќе со лекарите, при тоа споменувајќи го и прирачникот за однесување на лекарите, што тие го добиваат заедно со лиценцата за работа.
Меѓутоа, Старделова истакна дека недоразбирањата треба да се решат заедно и со меѓусебно разбирање, додавајќи дека ниту еден лекар не би сакал полицајците да ги чуваат од пациентите.
Претседателката на Комората на здравствените работници, Виолета Котевска, рече дека здравствените работници имаат разбирање за пациентите, но истакна дека во најголем број случаи членовите на семејствата се агресивни и немаат доверба кон нив.
„Фамилијата мора да разбере дека тоа насилство дава голем импакт врз здравствената нега која ќе ја спроведуваат и сестрите и другите здравствени работници. Значи, сето тоа влијае на работниот тек. Колку повеќе таа ќе биде насилна и агресивна, толку повеќе го прекинува тој процес“, рече Котевска.
Весна Алексовска од Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“, рече дека незадоволството на пациентите произлегува од недостиг на медицински услуги, доцнењата и чекањата, кои во некои случаи се манифестираат со насилство.
„Ако го подобриме здравствениот систем, ако ја подобриме комуникацијата помеѓу пациентите и докторите, значително ќе се подобри и довербата што ја имаат пациентите и кон докторите и кон здравствениот систем“, рече Алексовска, објаснувајќи дека граѓаните ретко се одлучуваат да упатуваат жалби до Државниот здравствен инспекторат.
Претходно во текот на месецот, лекарите и здравствените работници протестираа против насилството врз нив, по неколкуте напади врз здравствените работници. На протестот присуствуваше и министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, кој порача дека проблемите не се решаваат со насилство.