Husamedin Gina
13 Јуни 2019•Ажурирај: 14 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Министерството за локална самоуправа денеска во Скопје се одржа последната од трите регионални конференции на тема „Партнерство за забрзана децентрализација, инклузивен и одржлив развој“, јавува Anadolu Agency (AA).
Конференцијата ја отвори министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, кој во изјавата за медиумите пред почетокот на конференцијата истакна дека покрај темите како што се финансиската децентрализација и поддршката на општините, на конференцијата ќе се анализира и Законот за локална самоуправа.
„На конференцијата ќе отвориме уште една нова тема. А тоа е анализа на имплементацијата на Законот за локална самоуправа каде што ќе ги видиме слабостите на овој закон и каде треба да се интервенира за подобрување на условите и подобрување на функционалноста на локалната самоуправа на државата“, нагласи Фазлиу.
Тој, исто така, наведе дека исто како и државата, и општините во партнерство со државните институции треба да бидат подготвени за членството во Европската Унија и НАТО.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, рече дека на конференцијата ќе бидат скенирани перформансите на секоја општина поединечно, со цел општините да бидат спремни за преземање на обврски коишто по логиката и природата на нештата им припаѓаат.
Шилегов, исто така истакна дека по анализата ќе се види колку општините може да бидат самоодржливи ако се смени системот на финансирање, а дека потоа ќе се направат законски измени, кои може да опфатат и територијална распределба на општините.
„Суштината е да не избрзаме со решенијата, затоа ги отвораме овие процеси, да видиме колку од постојните општини во територијална смисла се самоодржливи. Колку може да бидат одржливи ако се смени системот на финансирање. Потоа ќе ги направиме потребните законски измени и во делот на финансирањето, а можеби, ако се јави потреба и во делот на територијалната распределба на општините - тој е посериозен политички процес, двотретински. Ќе може да се отворат и таков тип процеси“, нагласи Шилегов.
Фреjк Јанмат, од делегацијата на Европската Унија во Скопје, истакна дека е важно општините да испорачуваат квалитетни, ефикасни и навремени услуги на граѓаните, нo и да бидат финансиски самоодржливи.
„За децентрализацијата нема еден модел. Секоја земја го реализира на свој начин, согласно своите специфики. Кога ќе ги отвориме преговорите за членство со Северна Македонија, што очекувам, ќе се случи многу брзо, администрацијата ќе биде една од клучните области“, нагласи Јанмат.
Конференцијата се одржува во рамки на проектот „Подобрување на општинското управување“, финансиран од Европската Унија, а во имплементација на УНДП.