Балкан

Хрватска: Предадени речиси 750.000 потписи за референдум против пензионирање во 67. година

- „Ова е добра можност на Хрватскиот сабор со овој референдум да ја врати довербата на граѓаните во највисоките институции на хрватското општество“, порача Мирела Бочиќ, претставничка на иницијативата „67 е премногу“

Stipe Majic  | 13.06.2019 - Обновена : 16.06.2019
Хрватска: Предадени речиси 750.000 потписи за референдум против пензионирање во 67. година

ЗАГРЕБ (АА) - Откако се предадени речиси 750.000 потписи собрани од граѓаните, претставниците на Иницијативата „67 е премногу“ беа примени од претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ, кој по состанокот изјави дека станува збор за „релевантен број потписи“ за распишување на референдумот, јавува Anadolu Agency (AA).

Претставници на Иницијативата „67 е премногу“, од плоштадот „Света Катарина“ ги пренесоа симболичките 65 кутии со 748.624 потписи до Хрватскиот сабор за распишување на референдум околу измената на Законот за пензиско осигурување.

Јандроковиќ, по состанокот со претставниците на синдикалната иницијатива „67 е премногу“ потврди дека на специјалниот комитет на Саборот, членовите на Синдикатот му предале повеќе од 748.000 потписи со барање за распишување на референдум кој претседателот на Саборот ќе го упати на понатамошна процедура.

Саборот сите потписи ги предава на Владата на Република Хрватска, односно на Министерството за администрација, кое е надлежно да изврши пребројување и проверка на собраните потписи. По пребројувањето, потписите повторно се враќаат во Саборот, кој проценува има или нема доволно валидни потписи за референдум.

„Бидејќи се собрани голем број потписи, мислам дека бројот на релевантните е доволен за распишување на референдум“, изјави Јандроковиќ.

Тој, сепак додаде дека постои отворена можност надлежното тело на Саборот да предложи референдумското прашање да биде упатено до Уставниот суд за оценка на неговата уставност. Доколку Уставиот суд оцени дека референдумското прашање е во согласност со Уставот и бројот на потписи е доволен, тогаш ќе биде распишан референдум на кој граѓаните на Хрватска ќе одлучат дали се за или против одлуката на Владата работниот век од 65 да се продолжи до 67 години.

Мирела Бочиќ, претставничка на иницијативата „67 е премногу“, истакна дека на Саборот му се предадени симболични 65 кутии со 748.624 потписи за распишување на референдум за измени на Законот за пензиско осигурување и оцени дека станува збор за многу голем, речиси двојно поголем број потписи потребен за започнување на референдум.

Бојиќ порача дека синдикатите настојувале по ова прашање да преговараат со хрватската Влада уште од летото минатата година, но дека сите обиди за договор пропаднале, поради што трите синдикати тргнале во собирање потписи.

„Ова е добра можност Хрватскиот сабор на овој референдум да ја врати довербата на граѓаните во највисоките институции на хрватското општество“, порача Бочиќ, истакнувајќи дека трите претходни иницијативи на Синдикатот останале нереализирани.

„Никој од Владата не одговори на нашите повици, нѐ повикуваа за да ни покажат презентации на она што наумиле да го донесат и изгласаат како закон“, рече Бојиќ.

Иницијативата „67 е премногу“ ја започнаа трите најголеми синдикати: Независниот хрватски синдикат, Сојузот на самостојни синдикати и Матицата на хрватските синдикати.

Министерството за администрација на Хрватска објави податок дека за распишување на референдум е потребно да се соберат 373.568 потписи, односно 10% од вкупниот број гласачи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.