Admir Fazlagic
05 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод 20-годишнината од основањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, денеска во Скопје се одржува регионална конференција со регулаторните тела за медиумите од Бугарија, Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска и од Словенија, со цел од учесниците да произлезат заклучоци со коишто ќе се подобри секојдневното работење на регулаторните тела во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во изјава за медиумите рече дека агенцијата што тој ја предводи денес одбележува 20 години од нејзиното формирање и работење, и потсети дека тоа е најстарото регулаторно тело на Балканот, од областа на медиумите. Според неговото мислење, во изминатите две децении од своето постоење, ова регулаторно тело успешно ја извршувало својата општествена улога.
„Улогата на Агенцијата е најзначајна и највидлива во изборните периоди. Во сите изборни периоди од 1997 година до денес, агенцијата излегувала со извештаи кои биле цитирани и коишто со 99 проценти со совпаѓале со извештаите на ОБСЕ, што значи дека ја вршела својата функција. Тоа многу често не им се допаѓало на власта и на опозицијата, и тоа е знак дека Советот за радиодифузија ја вршел својата улога согласно улогата што ја има во општеството“, истакна Трајчевски, кој додаде дека регулаторните тела од регионот, од областа на медиумите, имаат добра соработка и изрази надеж дека таа ќе продолжи и во иднина.
Марија Стојанова од Советот за електронски медиуми во Бугарија изјави дека денешната средба на регулаторните тела од областа на медиумите е многу важна. Таа истакна дека за првпат бугарските регулатори се во официјална посета на Македонија. Стојанова посочи и дека регулаторите имаат контролна фунција на медиумските содржини, додавајќи дека нивната работа се гледа како коментатори, што го смета за погрешно.
„Во балканските држави, работата на регулаторите сѐ уште се гледа како коментатори, на политичките субјекти, на медиумските субјекти, а всушност нашата работа е многу поразлична. Нашата работа е да ги контролираме содржините што медиумите ги произведуваат, публиката да има можност да добива точни и проверени информации, во согласност со новинарските, етичките и моралните стандарди“, изјави Стојанова додавајќи дека македонскиот Закон за медиумите е еден од најдобрите на Балканот.
Милан Тодоровиќ од Српското регулаторно тело, изрази уверување дека од конференцијата ќе произлезат важни заклучоци што ќе го подобрат секојдневното работење на регулаторните тела во регионот.
„На оваа конференција заедно да разгледаме теми коишто се важни за целокупното општество во сите земји на Балканот, како за оние земји кои се дел од ЕУ, така и за оние кои тежнеат да станат дел од ЕУ. Овие размени на искуства се од непроценлива важност, бидејќи ние тука разменуваме искуства, ставови, соработуваме со сите регулатори што се присутни тука, соработуваме преку различни проекти коишто се поддржани од невладиниот сектор, делегацијата на ЕУ и од Советот на Европа. Сигурен сум дека оваа конференција денеска, на крајот ќе има заклучок што за сите ќе придонесе за подобрување во секојдневното работење“, истакна Тодоровиќ.
Елвира Цековиќ од Агенцијата за електронски медиуми на Црна Гора укажа на добрата соработка со регулаторните тела за медиумите од земјите во регионот. Нејзиниот став е дека регулаторните тела имаат значајна улога во подигнувањето на степенот на независноста на медиумите.
„Мислам дека регулаторот многу придонесе за степенот на независност за медиумите. Еден од мотивите за работа на нашите агенции е да им помогнеме на медиумите да достигнат колку што е можно поголем степен на професионализам, но и колку што е можно поголем степен на независност. Меѓутоа, тоа многу зависи и од самите медиуми. Не е доволно само регулаторот да помага, туку мораат и самите медиуми да работат на тоа, тоа е еден долг процес, особено знаејќи ја историјата на нашите земји. Немаме доволно развиена култура на слобода на медиумите, тоа е процес што има многу позитивен финиш во наредниот период“, смета Цековиќ.
Во рамките на денешната регионална конференција на регулаторните тела за медиумите ќе се разговара и на темата „Плурализам на ставовите во медиумите од изборните процеси – регулативи и практики“, како и за други важни теми од коишто треба да произлезат заклучоци што би требало во иднина да бидат применети од страна на регулаторните тела за медиумите.