Enes Kaplan
17 Јануари 2022•Ажурирај: 18 Јануари 2022
ТИРАНА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција со сите свои можности е покрај Албанија, вклучувајќи ја и нејзината вакцина против коронавирусот Турковак, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на официјалната посета на Албанија, турскиот претседател Ердоган се обрати пред албанскиот Парламент, каде што истакна дека задоволство му е повторно да дојде во земјата со која Турција има толку длабоки историски врски.
Потсетувајќи дека пред три недели во Анкара беше домаќин на претседателката на албанскиот Парламент, Линдита Никола, Ердоган рече дека постои взаемна желба односите и соработката меѓу двете земји да се интензивираат на сите полиња.
„Иако меѓу нас има граници, ние Албанија ја сметаме за сосед во срцето. Нашите односи се засновани на длабоко вкоренета и силна историја која датира шест века наназад. Трагите од нашата заедничка историја се изразени не само во политичкиот живот, туку и во камените дворови на Скадар, куќите во Берат и архитектурата на џамијата Етем-бег. Нашето пријателство и роднински врски се развиваат од ден на ден на овој цврст темел“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека постојат одлични услови за јакнење на турско-албанската соработка, Ердоган рече дека албанскиот премиер Еди Рама во 2013 година ја вброи Турција меѓу петте стратешки партнери на Албанија.
„Првиот приоритет на турската надворешна политика е изградба на траен мир, безбедност, стабилност и добрососедски односи на Балканот. САД први го признаа Косово, а јас како премиер бев на седницата на турската Влада, и ние потоа први ја признавме независноста на Косово. Од тогаш во различни делови на светот водиме борба за признавање на Косово“, рече Ердоган.
Пофалувајќи ја конструктивната улога на Албанија на Балканот, Ердоган рече дека Анкара и Тирана добро соработуваат на сите меѓународни платформи, вклучително и НАТО.
Турскиот претседател истакна дека верува дека Албанија ќе има слух за загриженоста на Турција во врска со борбата против терористичката организација ФЕТО, која во 2016 година изведе крвав обид за воен удар во Турција.
Ердоган предупреди дека терористите на ФЕТО дејствуваат под плаштот на разни образовни, здравствени, верски и други установи, и дека тие се закана за Албанија и за сите земји во кои дејствуваат, не само за Турција.
„Очекуваме Албанија веднаш да преземе акција против терористичката структура ФЕТО во земјата и да не дозволи нашите односи да бидат засенети поради таа причина“, порача Ердоган.