Fatjon Cuka
23 Септември 2019•Ажурирај: 24 Септември 2019
ТИРАНА (АА) - Во некои градови во Албанија денес е одложен образовниот процес поради земјотресот што ја погоди земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за образование, спорт и млади на Албанија соопшти дека денеска не се одржува настава во образовните установи во Тирана, Драч и Елбасан, во средните и основните училишта, како и во градинките, а наставата ќе продолжи утре.
Исто така, денеска е неработен ден и за родителите на учениците од основно училиште што работат во државната администрација.
Албанското Министерство за одбрана нагласи дека од земјотресот оштетени се 915 објекти - куќи, згради и училишта.
Вооружените сили на Албанија и Генералната полициска дирекција ги ангажираа своите сили, поставувајќи шатори во Тирана и Драч за засолнување на семејствата чии домови се оштетени.
Потсетуваме, Албанија на 21 септември беше погодена од земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтер, а Министерството за одбрана соопшти дека овој земјотрес бил најмоќниот земјотрес во последните 20-30 години.
Епицентарот на земјотресот беше на 30 километри северно од Драч.