Fatjon Cuka
22 Септември 2019•Ажурирај: 23 Септември 2019
ТИРАНА (АА) - Во земјотресот што вчера ја погоди Албанија повредени се 132 лица, а оштетени се стотици станбени објекти, јавува Anadolu Agency (AA).
Земјотресот со епицентар во Драч, предизвика материјална штета на различни објекти, особено во Драч и Тирана.
Според првичните официјални информации на Министерството за одбрана на Албанија, во земјотресот се оштетени вкупно 628 објекти, меѓу кои станови, куќи, училишта и здравствени центри.
„Откога беше регистриран најсилниот потрес од 5,8 степени според Рихтер, досега забележани се 297 последователни потреси, од кои потресот со најмал интензитет беше 2,9 степени според Рихтер“, се вели во соопштението на албанското Министерство за одбрана, во кое се наведува дека 132 лица побарале медицинска помош во болниците и здравствените центри во Тирана и Драч.
Вооружените сили на Албанија ги ангажираа воените сили, поставувајќи шатори во Тирана и Драч за засолнување на семејствата чии домови се оштетени.
Од друга страна, Министерството за образование, спорт и млади на Албанија соопшти дека во земјотресот биле оштетени неколку училишта, и дека се претпоставува оти училиштата утре ќе продолжат со настава.
Министерството за одбрана претходно соопшти дека овој земјотрес бил најмоќниот земјотрес во последните 20-30 години.
Во последните неколку години, Албанија ја погодија неколку земјотреси кои предизвикаа материјална штета.