Abdula Berisha
09 Октомври 2019•Ажурирај: 10 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во главниот град на Република Северна Македонија започна Регионалната конференција за промоција на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2“, јавува Anadolu Agency (AA).
На Регионалната конференција присуствуваа претставници на многу владини и невладини институции и организации од земјите од Западен Балкан и Турција, вклучувајќи го и турскиот заменик-министер за правда, Шабан Јилмаз.
На свеченото отворање поздравни обраќања имаа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, Верена Тејлор, директорка на канцеларијата на Генералниот директорат за програми на Советот на Европа и Колин Волф, шеф на Одделот за регионална соработка и програми за Западен Балкан при Генералниот директорат за добрососедска политика и преговори за проширување на ЕК.
Министерот Димитров рече дека оваа заедничка програма е сѐ поважна, бидејќи им овозможува на државите да ги откријат областите за кои им е потребна дополнителна поддршка.
„Значајно е дека заедничката програма на „Horizontal facility II“ се заснова на веќе успешно завршената прва фаза и дека дополнително се проширува во идентификуваните области за понатамошни реформи и поддршка“, рече Димитров, набројувајќи неколку достигнувања од првата фаза на програмата.
Директорката Верена Тејлор во својот говор рече дека вредностите на Советот на Европа се важни, исто толку колку што е важно и времето на основање на организацијата, додавајќи дека соработката меѓу земјите членки е исто така многу важна за граѓаните.
„Која е главната порака што Советот на Европа и Европската Унија ја испорачуваат со „Хоризонтален инструмент“? Мислам дека клучната порака е дека се грижиме! Вие сте важни! И второ, затоа што сте важни, ние ги комбинираме нашите најдобри алатки за да ги поддржиме вашите реформски процеси и вашиот пат кон европската интеграција“, рече Тејлор.
Шефот на Одделот за регионална соработка и програми за Западен Балкан, Колин Волф, рече дека во однос на првата фаза, обврските се унапредени и буџетот е зголемен, истакнувајќи дека се достапни над 40 милиони евра, споредено со првата фаза кога буџетот бил 25 милиони евра.
На воведните говори беше истакнато дека програмата има за цел поддршка на реформите во четири области: Обезбедување правда; Борба против корупцијата; Борба против дискриминацијата и Слобода на изразување и медиуми. Во рамките на Регионалната конференција ќе се организираат тематски семинари во секоја од овие области.