Abdula Berisha
08 Октомври 2019•Ажурирај: 09 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на Република Северна Македонија организира тридневна работилница за изработка на Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2020 – 2024, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченото отворање присуствуваа претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, владина делегација предводена од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, претставници на ДКСК и академици.
Посакувајќи успешна работа и конкретни резултати од работилницата, Џафери во својот говор рече дека корупцијата е рак за функционирањето на една држава.
„Задоволен сум од новиот закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, бидејќи неговата главна цел е зајакнување на улогата и независноста на Државната комисија и воопшто, зајакнување на правната и институционалната рамка за антикорупција и постигнување на поефикасна превенција и борба против корупцијата“, рече Џафери.
Во изјава за медиумите, вицепремиерот Бујар Османи рече дека доминирањето на темата борба против корупцијата во јавниот и политичкиот дискурс дава резултати, додавајќи дека оваа работилница се одвива во вистинско време.
„Таа е особено важна затоа што се случува неколку дена пред историската одлука на Европската Унија. Таму фундаментален принцип е борбата против корупцијата и правната држава, и мислам дека ниту еден политичар, но не само политичарите, туку сите фактори на општеството, не треба да имаат поголем приоритет од етаблирањето на правната држава“, рече Османи.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, истакна дека институцијата што ја води не треба да биде осамена во борбата против корупцијата, додавајќи дека во овој поглед сите граѓани имаат одговорност.
„Секој треба да си тргне сам од себе. Борбата е во самата личност. Да се јакне свеста кај луѓето, кажав и пред малку, никој никому ништо не должи, но да се јакне и свеста кај одговорните луѓе дека никој за ништо не им е должен“, рече Ивановска.
Начинот на којшто се изготвува Националната стратегија за спречување на корупцијата го поздрави и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Северна Македонија, Роберт Поповски, кој рече дека ова се прави преку сеопфатна дебата.