САРАЕВО (АА) - Самата средба на делегациите на Косово и Србија во Вашингтон беше значаен настан, беше речено во пресрет на редовната сесија на Здружението на независни интелектуалци „Круг 99“ во Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (AA).
Политичарот и публицист Азем Власи зборуваше на темата „Хегемонизмот и неопходноста од создавање оска на мирот на Балканот“.
По тој повод, Власи рече дека луѓето во регионот мора да соработуваат, односно сите сили што се борат за мир и им е до мирен развој на ова подрачје и се грижат никогаш повеќе да не се повтори она што се случи пред неколку децении.
Додаде дека во последно време ги следи и настаните во Црна Гора и дека настаните во таа земја може да имаат одек и врз состојбата во регионот.
Додаде дека НАТО одлучил да интервенира во Косово за „да не се случат истите ужаси како во Босна“.
„Сите прогресивни сили во регионот, а ги има и во Србија, без оглед што заканите за дестабилизација и вознемирување доаѓаат од Србија, мора да соработуваат за зачувување на мирот, заради одбрана од овие овие напади“, рече Власи.
Додаде дека ситуацијата станува опасна и загрижувачка.
На прашањето за можноста за концептот на мирот, оската на мирот на Балканот, Власи рече дека на Косово, и во Парламентот и во Владата, сите се за соработка со земјите од регионот заради зацврстување на мирот и стабилноста, и дека Косово во моментов има добри односи со Црна Гора и со Северна Македонија.
Тој се осврна и на односите меѓу Босна и Херцеговина и Косово и додаде дека има сојузници кои се за соработка во интерес на мирот.
Власи додаде дека и во Србија има луѓе кои имаат волја за соработка со другите.
Запрашан како ја гледа иднината на Црна Гора одговори:
„Што се однесува до Црна Гора, ситуацијата е неизвесна. И ако добијат глас повеќе овие клеронационалистички сили и ја преземат власта, тие нема да можат да ги реализираат клучните цели за кои се заложуваа бидејќи им треба двотретинско мнозинство во Парламентот“, рече Власи.
Смета дека доколку се формира Влада, таа нема да трае долго бидејќи ќе има расцеп меѓу нив.
„Црна Гора се наоѓа во фаза каде што ја чека прилично долг период на нестабилност и меѓусебни несогласувања. Се надеваме дека нема да дојде до потешки конфликти. Просрпската опозиција сега става на знаење каде точно се стреми“, рече Власи.
Тој се осврна и на нападите врз муслиманите во Плевља и рече дека се надева дека одредени сили нема да успеат во своите науми.
Власи се осврна и на разговорите што ги имаа делегациите на Косово и Србија при нивната неодамнешна посета на Соединетите Американски Држави (САД).
„Самата средба во Вашингтон беше значаен настан. Потпишувањето договор за економска соработка, за ревитализација на комуникациските врски, за патиштата, железницата и така натаму, е важен предуслов за релаксација на односите меѓу Косово и Србија“, рече Власи.
Додаде дека Американците на двете страни на маса им ставиле предлози и идеи во 16 точки за тоа како треба да изгледа конечниот договор за нормализација на односите, а една од точките е меѓусебното признавање, односно признавањето на Косово од страна на Србија.
„Не беше замислено во оваа пригода Вучиќ свечено да изјави дека го признава Косово, тоа Американците не го ни бараа ниту инсистираа на тоа, но тоа е на маса да се знае, како што беше на пример, на почетокот на обновувањето на дијалогот пред крајот на 2019 година, кога претседателот Трамп испрати писмо и на Вучиќ и на Тачи и им рече: ’Се надевам дека ќе продолжите со преговорите, ќе дојдете до конечен договор‘, што подразбира заемно признавање“, потсети Власи.
Додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп „не седнал со нив да потпишува некој договор за авионска линија Белград-Приштина или за железничка пруга, туку тоа е како генерална проба за тоа како ќе изгледа потпишувањето на финалниот договор што ќе резултира со признавање на Косово од страна на Србија“.
„ЕУ тука има работа, Вашингтон и Брисел добро соработуваат, тие се денес во Брисел. Но, овој финален договор нема да се потпише пред специјалниот претставник на ЕУ, Лајчак, туку во Вашингтон, најверојатно, или во некоја европска престолнина во присуство на главните лидери на европските земји и Америка“, рече Власи.
Додаде дека ова е „добар сигнал и дека не се очекуваше повеќе“.
„Симболиката и тоа што е потпишано и динамиката на разговорите што претстојат, нема повеќе одолговлекување, навестуваат дека до нормализација на односите ќе дојде. Вучиќ некако ќе го оправда тоа“, нагласи Власи.
Тој додаде дека „Косово повеќе нема што да даде и дека Косово дало и повеќе од што треба според планот на Ахтисари“.
„Мислам дека сепак, на перспективата за подобрување и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија треба да се гледа со оптимизам“, рече Власи.