Admir Fazlagic
07 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Комесарот за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеј, кој престојува во посета на Република Северна Македонија, истакна дека во интерес и на Северна Македонија и на Бугарија е да најдат решение за недоразбирањата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Еврокомесарот Вархеј ова го изјави во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата по средбата со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.
Прашан во однос на неговото вчерашно охрабрување на Северна Македонија и Бугарија да изнајдат заедничко прифатливо решение околу бугарските барања за преговарачката рамка, како и за тоа дали ЕУ ќе посредува во ова, Вархеј рече дека во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија е да најдат решение на овие прашања.
„Без да се разјаснат тие недоразбирања, ќе биде тешко работите да се придвижат напред, ова е момент да се постигне договор. Гледам посветеност од страна на премиерот Заев, како и од премиерот Бојко Борисов од бугарската страна, и навистина се надевам дека ќе успеат да изнајдат решение. Колку што знам, тие работат на тоа и се надевам дека ќе успеат да се разберат. Ќе направиме сѐ што можеме доколку можеме ние да помогнеме во процесот. Да се изнајде решение не е невозможно, не би драматизирал премногу околу прашањето, меѓутоа, се разбира, сепак е сериозно прашање“, истакна Вархеј.
Потсетуваме, на 16 септември, во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Бугарија на земјите членки на ЕУ им испратила објаснувачки Меморандум, кој се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија. Софија бара поддршка од нив за нејзиниот став во врска со македонскиот идентитет и јазик.
Во Меморандумот се вели дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и се смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.