СКОПЈЕ
Комесарот за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеј, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија во рамките на која одржа билатерална средба со премиерот на оваа држава, Зоран Заев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Еврокомесарот Вархеј, по билатералната средба со премиерот Заев, присуствуваше на свечената седница на Владата, а потоа заедно со премиерот Заев одржаа прес-конференција во чиј фокус беше најновиот извешај на Европската комисија за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, како и економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.
На прес-конференцијата еврокомесарот Вархеј рече дека го смета за многу важно тоа што престојува во земјата за да ги претстави добрите вести, а тоа е фактот дека се зајакнува проширувањето, пред сѐ осврнувајќи се на новата методологија и инвестициско-економскиот план, за кој рече дека е значителен поттик за економијата во Западен Балкан и поттик на напорите за заздравување на економијата.
„ЕУ е многу важна и за Република Северна Македонија и за целиот регион. Се обидовме да ги слушнеме сите идеи во регионот во однос на тоа во кои области најмногу може да се придонесе за заздравување на економијата на најбрз начин“, изјави Вархеј.
Според него, успехот на овој план зависи од неговата имплементација.
„Ова е еден навистина голем пакет, тоа се 9 милијарди евра од нашиот буџет. Меѓутоа, со оглед на тоа што сѐ уште преговараме со нашите меѓународни партнери и институции со коишто работиме во регионот, тие се согласни да продолжат да работат со нас и да обезбедат дополнителни 20 милијарди евра за регионот за тие цели“, истакна Вархеј.
Особено значење, како што рече, има поврзувањето на регионот.
„Значи, треба да ги поврземе сите главни глрадови во регионот, тоа станува една пречка за трговијата во регионот, што значи дека треба да се поврзе регионот со остатокот од светот што се однесува до широкопојасен интернет, потребна ни е основна дигитална структура. Ние сме подготвени да работиме со вас и да го направиме вашиот енергетски систем многу посигурен, да работиме на зголемување на расположливоста на енергетските ресурси. Ова, може навистина да ги смени нештата во значителна мерка. Планот е регионален и треба да му се помогне на целиот регион за да се развие во наредните 5-6 години“, додаде Вархеј.
Меѓу другото, еврокомесарот Вархеј се осврна и на ромската заедница, за која рече дека не обрнувале доволно внимание на нејзините потреби, особено кога се работи за вклучувањето на оваа заедница на пазарот на трудот, и го повика премиерот Заев на поголема фокусираност на ова прашање.
Премиерот Заев истакна дека годишните пакети на Европската комисија (ЕК) имаат особено значење бидејќи се објавуваат во амбиент на зајакнато внимание на процесот на проширување на земјите членки во време на тековни дискусии за преговарачка рамка за РСМ и во период кога се очекува одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу РСМ и ЕУ до крајот на годината, во рамките на германското претседателствување со ЕУ.
Премиерот Заев се осврна и на, како што рече, исклучително важниот економски инвестициски план за Западен Балкан.
„Овој инвестициски план е од голема важност за поддршка и развој на приватниот сектор, транспортно и енергетско поврзување, дигитализацијата, зелената агенда, социјалните инвестиции во регионот, енергетските проекти во регионот, ова е исполнување на сонот на поврзување на целиот регион и вистинска мотивација да испорачаме уште поголеми резултати“, рече Заев, и додаде:
„Мобилизациската финансиска поткрепа од 9 милијрди евра преку ИПА 3 финансирањето во комбинирана форма на грантови и поволни заеми за да се поддржи економската конверзација на Западен Балкан со ЕУ ќе испрати силна порака за поддршка на европската перспектива на регионот и за комплементарноста на реформскиот процес со забрзниот економски развој на целиот овој регион“, истакна Заев.
По средбата со премиерот Заев, еврокомесарот Вархеј се состана со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и имаше свое обраќање пред пратениците.
news_share_descriptionsubscription_contact
