Husamedin Gina
07 Октомври 2020•Ажурирај: 08 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Во организација на Црвениот крст, денеска во Пунктот за бездомници – Момин Поток, беше одбележан 10 октомври - Светскиот ден на бездомништвото, јавува Агенција Анадолија (AA).
По повод Денот, Црвен крст подели 80 хуманитарни пакети со храна, средства за заштита и дезинфекција од Ковид- 19 и по една кабаница за секој бездомник.
Драгана Лазаревска, координаторката на пунктот за бездомници Црвен крст во Момин Поток, во изјавата за медиумите истакна дека пунктот веќе 12 години ја дава потребната помош и поддршка на бездомниците кои се една од најранливите категории граѓани.
Таа потенцираше дека во изминатите 12 години никој сериозно не се зафатил да направи некое сериозно истражување во однос на бројката на бездомници во земјата.
„Но се циркулира со некоја бројка од 300 бездомни лица [на територијата на Скопје] во изминатите години. Секоја година бројката на бездомни лица се зголемува сѐ повеќе и повеќе. Тоа е поради целокупното осиромашување на македонскиот граѓанин и верувајте, секојдневно во пунктот носат нови и нови бездомни лица“, истакна Лазаревска.
Истакнувајќи дека во изминатите години 15 бездомници успешно се реинтегрирани во општеството, Лазаревска рече дека тие 15 лица веќе се на некои раководни позиции.
Според Лазаревска, бездомниците во пунктот можат да ги користат услугите за одржување на хигиената, а со нив работи и тим од доктор, психолог и социјален работник.
Исто така, Лазаревска истакна дека во изминатите седум месеци ниту едно од бездомните лица не било заразено со коронавирусот и дека тоа е голем успех.
Светскиот ден на бездомништвото се одбележува секоја година на 10 октомври, а целта е да се подигне свеста за проблемот што е во подем.
Правото на соодветно домување, односно животен стандард, е пропишано со Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, со членот 11 во којшто е наведено дека државите членки на овој пакт на секое лице му го признаваат правото на животен стандард, доволен за него и за неговото семејство, вработување, како и постојано подобрување на неговите животни услови.
Државите членки на Пактот ќе преземат соодветни мерки за обезбедување на остварувањето на ова право и за таа цел, тие го признаваат суштественото значење на слободно избраната меѓународна соработка. Овој пакт беше ратификуван од страна на Македонија во 1994 година.
Според проценките на Обединетите нации, во светот има повеќе од 100 милиони бездомни лица, додека една милијарда луѓе живеат во несоодветни живеалишта.