Seyit Şamil Kurt
08 Јули 2026•Ажурирано: 08 Јули 2026
Турскиот министер за национална одбрана Јашар Ѓулер денес организираше прием за министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во Заедничкиот штаб „Ај Јилдиз“ (Месечина и ѕвезда) во Анкара. Приемот се одржа во рамките на 36. Самит на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО, јавува Анадолу.
Според соопштението на Министерството објавено на социјалната мрежа NSocial, настанот се одржа во делот наречен „Јилдиз“ (Ѕвезда) на комплексот што во моментов е во фаза на изградба. Министерот Ѓулер ги пречека своите колеги пред да им се обрати на присутните на приемот.
Заедничкиот штаб „Ај Јилдиз“ претставува стратегиски проект со кој се обединува командната структура на турските вооружени сили на едно место. Во комплексот ќе се сместат Министерството за национална одбрана, Генералштабот и командите на копнените, поморските и воздушните сили, со што значително ќе се подобрат способностите за заеднички операции и стратегиско командување.
Инспириран од полумесечината и ѕвездата на турското знаме, комплексот е дизајниран да ги задоволи и сегашните и идните потреби на турската војска на највисоко ниво, со својата препознатлива архитектура, концепт на паметна градба, еколошка структура и напредна технолошка инфраструктура.
Дводневниот Самит во Анкара, организиран од Турција, започна денес со учество на лидерите на 32 земји членки на НАТО, партнери од Азиско-пацифичкиот регион и високи официјални претставници, меѓу кои и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Се очекува овој Самит да прати порака за единство и солидарност меѓу сојузниците и покрај неодамнешните тензии во трансатлантските односи.
Клучна тема на собирот е градењето на визијата „НАТО 3.0“, според која се очекува Европа да преземе водечка улога во конвенционалната одбрана, а САД да го ревидираат своето воено присуство на континентот.