Fatjon Cuka,Dzihat Aliju
20 Февруари 2022•Ажурирај: 22 Февруари 2022
ТИРАНА (АА) - ФАТЈОН ЦУКА -
Уништувањето на статуата на поранешниот комунистички лидер Енвер Хоџа во Тирана на 20 февруари 1991 година во Албанија го симболизираше крајот на комунизмот во земјата, а од друга страна, со основањето приватни музеи во земјата, мистериите на комунистичкиот режим што постоеше скоро половина век ѝ се пренесуваат на јавноста, пишува Агенција Анадолија (АА).
Музејот „Бунк'Арт 1“ е еден од музеите што му се припишуваат на комунистичкото минато во Албанија.
Музејот го изградил комунистичкиот лидер Енвер Хоџа како засолниште против можните нуклеарни напади.
Антинуклеарниот бункер отворен од поранешниот диктатор Хоџа во 1978 година беше наречен од комунистичкиот режим како „Објект 0774“.
Во засолништето што денес се користи како музеј и се состои од 5 ката и 106 соби, изложени се голем број парчиња оружје, униформи и документи од тој период.
„Бунк'Арт 1“, што беше отворен за прв пат во 2014 година и почна да се користи како музеј во 2016 година, се наоѓа во подножјето на планината Дајти недалеку од Тирана.
Поранешниот антинуклеарен бункер денес открива дел од тајните на комунистичкиот режим, особено одредени аспекти од секојдневниот живот на Албанците за време на комунизмот. Покрај тоа, во музејот има материјали од Антифашистичката војна (1939-1944).
Во „Бунк'Арт 1“ се собите што им припаѓале на поранешниот комунистички водач Енвер Хоџа и тогашниот премиер Мехмет Шеху.
- Од денот кога стана музеј има голем интерес -
Управителката на музејот, Сенада Мурати, во изјавата за Агенција Анадолија (AA) рече дека интересот за музејот е голем од денот на неговото отворање.
Истакнувајќи дека музејот го посетуваат и домашни и странски гости, Мурати истакна дека покрај од Турција, посетители доаѓаат од земјите од целиот свет, меѓу кои и од Германија, Италија, Полска, Австралија и САД.
Мурати додаде дека интерес за музејот покажуваат и луѓето што живееле во времето на комунизмот.
- Уништувањето на статуата на Енвер Хоџа -
Антикомунистичките протести иницирани од студентите во Албанија во декември 1990 година резултираа со уривање на статуата на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа, што беше поставена во центарот на Тирана во 1988 година.
Уривањето на статуата на Енвер Хоџа на 20 февруари 1991 година значеше и крај на комунистичкиот режим што речиси половина век вршеше многу прогонувања во земјата.
Енвер Хоџа е роден во 1908 година, владееше со Албанија со „железна тупаница“ од 1944 година, кога дојде на власт, сè до смртта во 1985 година.
Покрај тоа што Рамиз Алија го наследи Енвер Хоџа по неговата смрт, тој успеа да остане на функцијата само 6 години поради демонстрациите што ја зафатија цела Европа, вклучително и Албанија.