Husamedin Gina
21 Февруари 2022•Ажурирај: 22 Февруари 2022
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека има засилување на руските воени капацитети околу Украина, а со тоа и можноста за ескалација, за инвазија е сѐ повеќе присутна и дека тоа ги вознемирува, се разбира, сите држави во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на редовниот неделен брифинг информираше за последните актуелности од надворешната политика.
Османи на брифингот истакна дека Министерството за надворешни работи (МНР) однапред за три месеци ги исплатило платите на вработените, односно за дипломатите во Амбасадата на Северна Македонија во Украина, како и киријата, поради страв од евентуално крахирање на тамошниот финансиски систем.
„И покрај една мала надеж којашто што ја имавме на почетокот на минатата недела дека е можна деескалација, повлекување на трупите, очигледно тоа не се случува туку се случува обратното, односно засилување на руските воени капацитети околу Украина, а со тоа и можноста за ескалација, за инвазија е сѐ повеќе присутна и тоа ги вознемирува, се разбира, сите држави во светот“, нагласи министерот Османи.
Министерот Османи исто така истакна дека во четвртокот минатата недела уште еднаш упатиле апел до нашите граѓани да го искористат сѐ уште присуството на комерцијалните летови и да се вратат дома, бидејќи секој ден по една авиокомпанија ги откажува летовите за Киев.
Наведувајќи дека засега во Украина остануваат 30 набљудувачи во рамки на специјалната мониторинг-мисија на ОБСЕ, Османи рече дека некои земји веќе ги имаат повлечено или дислоцирано набљудувачите на побезбедна локација.
„Нашата позиција е малку поспецифична затоа што ние сме дел од тројката, значи ние сме дел од претседавањето со ОБСЕ и се разбира повеќе внимаваме какви пораки ќе дадеме по однос на улогата на мониторинг-механизмите на ОБСЕ“, нагласи Османи на денешниот неделен брифинг.
Потсетувајќи на повикот на министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, за да се направи мисија за утврдување на фактите од страна на тројцата претседавачи директно на терен, министерот Османи нагласи:
„Ние сме во координација сега кој би бил мандатот на таа мисија, на кое ниво би се отишло таму, дали на министерско ниво, на дипломатско ниво или на воено-експертско ниво. Сите тие координации ги правиме заедно со нашите партнерите во рамките на тројката претседавачи.“