Fatjon Cuka
01 Јуни 2022•Ажурирај: 01 Јуни 2022
ТИРАНА (АА) - Во Албанија по законските измени денеска стапи во сила иницијативата за забрана на пластичните кеси за еднократна употреба, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Измените во Законот за интегрирано управување со отпад, со цел забранување на пластичните кеси за еднократна употреба, беа ратификувани во Парламентот на Албанија на 17 март оваа година, а стапија во сила денеска, 1 јуни.
Законските измени предвидуваат забранување на производството, увозот и трговијата на пластичните кеси и оксоразградливи или оксобиоразградливи кеси.
Според властите, во врска со оваа иницијатива ќе се извршат контроли од страна на различни органи за почитување на законските измени за забранување на пластичните кеси.
Целта на оваа иницијатива е да се заштити животната средина и здравјето на луѓето од последиците на неограничената употреба на пластични производи за еднократна употреба, кои, според властите, имаат негативно влијание врз животната средина.
Исто така, властите во Албанија велат дека забранувањето на употребата на пластичните кеси како мерка за превенција од отпад, се очекува дека ќе предизвика намалување на количеството пластични кеси кои се фрлаат насекаде во околината, намалување на трошоците за нивно управување, како и минимизирање на негативното влијание врз квалитетот на животната средина и човечкото здравје.