Gorana Jakovljevic
01 Јуни 2022•Ажурирај: 01 Јуни 2022
БАЊА ЛУКА (АА) - На е-маил адресите на основните и средните училишта во повеќе градови во босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска утрово стигнаа дојави за поставени бомби, известува Агенција Анадолија (АА).
Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи на Република Српска денеска до 12 часот извршија антидиверзантски контроли во 222 основни и средни училишта во Република Српска, каде што беше пријавена експлозивна направа.
„На подрачјето на Република Српска, полицијата досега извести дека 429 основни (централни и регионални) и средни училишта во Република Српска добиле е-пошта со заканувачка порака дека во училиштето е поставена бомба“, се вели во соопштението на РС.
Се додава дека во училиштата каде што полициските службеници од надлежните полициски администрации сѐ уште го немаат завршено диверзантскиот увид, местото е обезбедено и тие нема да бидат отворени сѐ додека не завршат антидиверзантските контроли, односно не се утврди дека нема безбедносни закани.
Воедно, надлежните полициски администрации во соработка со Одделот за високотехнолошки криминал при Управата за криминалистичка полиција спроведуваат истрага за откривање на лицето кое ги упатило овие закани и во рамки на овие активности утврдени се повеќе ај-пи адреси од странство.
„Најголем дел од надлежните обвинителства овој настан го оквалификуваа како кривично дело „Лажно пријавување кривично дело““, соопшти МВР на Република Српска.
Во текот на ноќта и утрото, основните и средните училишта во РС добија е-пошта во која се наведува дека во училиштата била поставена експлозивна направа.