Ekip?
15 Јануари 2018•Ажурирај: 16 Јануари 2018
САРАЕВО/БАЊА ЛУКА (АА) - Иако претседателот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик, ги негираше наводите за формирање на паравоени единици на територијата на тој ентитет, полемиката за „Српска чест“ во БиХ продолжува, а со соопштение до јавноста се огласи и Народното демократско движење (NDP), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Народното собрание на Република Српска, во последниве месеци на најпримитивен начин е претворено во непристојна институција, каде што парламентаризмот и демократската волја на народот исчезнуваат, а на нивно место доаѓа едноумието, но и отвореното насилство и примитивизмот од најдолен вид. Откако во Собранието е донесена вооружена полиција, во последните неколку дена сведоци сме колку ситуацијата излезе од контрола. 'Сесиите' на униформираните и самонаречените паравојници-хуманитарци, блиски на владејачката олигархија, се последните удари на парламентарниот живот и демократијата во Република Српска“, се вели во соопштението на НДП .
Како што се истакнува во соопштението, овој незабележан скандал во политичката историја на Република Српска се случува во време кога на опозицијата ѝ е ускратено правото да присуствува на одредени заседавања на Собранието, на коишто владејачкото мнозинство, преку ноќ, експресно донесува многу штетни закони и непромислени политички одлуки за граѓаните и иднината на Република Српска.
„Присуството на сомнителните инстант патриоти во деновите кога треба достоинствено и гордо да се одбележи Денот на Републиката, носи несогледлива штета за граѓаните, но и за угледот на Република Српска во светот. По сите изговори на дежурните правобранители, бесмисленоста и обидите очигледната вистина уште еднаш да се спинува и на граѓаните да им се изврти вистинската слика на срамното собирање на екстремистите од криминалното милје во Народното собрание на Република Српска, очекуваме образложение кое нема да ја навреди интелигенцијата и достоинството на народот. Поради скандалот, кој поприми меѓународни размери, бараме собраниското раководство официјално да се изјасни за споменaтиот собир и да објасни кој, по чиј налог и по која формална основа организирал собирање на за законот непознати униформирани лица, и отстапил просториите на Народното собрание“, се вели во соопштението.
Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ, претходно изјави дека веќе подолго време постојат одредени сознанија за парабезбедносна организација.
Од Кабинетот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, е соопштено: „Република Српска има со Устав и со закон предвидени институции кои се во служба на стабилноста на сите нејзини граѓани, и конструкциите кои се појавија на одредени портали дека 'претседателот на РС, Милорад Додик, со поддршка на Москва формира паравоени единици' се исклучително опасни и не се во функција на информирањето на граѓаните“.
Потпретседателот на Република Српска, Рамиз Сакиќ, истакна дека информациите кои се појавија деновиве дополнително ги вознемириле Бошњаците на територијата на Република Српска и дека таа информација на просторите на цела Босна и Херцеговина треба да биде сфатена како крајно сериозна.
Командантот на мировните сили ЕУФОР во БиХ, генерал-мајор Антон Валднер, коментирајќи ги наводите за паравоени формации во Босна и Херцеговина, рече дека тоа не е добар знак за меѓународната заедница.