Andjelija Stojkovic
15 Јануари 2018•Ажурирај: 16 Јануари 2018
БЕЛГРАД (АА) - Јапонскиот премиер, Шинзо Абе, денес изјави дека Јапонија силно ја поддржува евроинтеграцијата на Западен Балкан и солидарноста на Европа, јавува Anadolu Agency (АА).
„Јапонија ја поддржува солидарноста на Европа и процесот на понатамошна интеграција и сака активно да помогне во реформите во Србија и во земјите од Западен Балкан кои имаат намера да станат членки на Европската Унија“, истакна Абе во обраќањето пред новинарите заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на неговата посета на Белград.
Тој рече дека на Вучиќ му предложил иницијатива за соработка на Јапонија со земјите од Западен Балкан и дека Вучиќ тоа го поддржал.
Абе оцени дека Србија е клучна земја за стабилноста на Балканот, кој, според него, има важна геополитичка положба.
„Односите меѓу Јапонија и Србија имаат потенцијал за понатамошен развој“, рече Абе, и додаде дека во разговорите со Вучиќ договорена е поголема економска соработка, како и дека првиот ќе биде изградбата на постројки за десулфуризација во термоцентралата „Никола Тесла“.
Тој додаде дека меѓународната заедница се соочува со проблемите на вооружување на Северна Кореја, но и со други предизвици за меѓународниот поредок и дека со Вучиќ се согласиле Јапонија и Србија тесно да соработуваат за решавање на овие проблеми.

Вучиќ, посетата на Абе ја окарактеризира како пресвртница во односите меѓу Србија и Јапонија и рече дека со јапонскиот премиер водел отворени, конструктивни и пријателски разговори.
„Разговаравме за клучните политички прашања, но најголемо внимание посветивме на нашите билатерални односи и на унапредувањето на економските односи“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека трговската размена меѓу Србија и Јапонија е мала и има голем простор за подобрување во иднина, но и дека соработката меѓу двете земји напредувала првенствено преку јапонските инвестиции и се заблагодари за инвестициите кои ги најави Јапонија.
„Денес имав чест да разговарам со претставници на 16 значајни јапонски компании, им испратив повик и им кажав дека Србија е најдоброто место за инвестирање во овој дел на Европа, дека јапонските стопанственици можат да направат најголем профит, а за нас тоа е важно со цел да ја намалуваме невработеноста и да се учиме на јапонската деловна етика“, рече Вучиќ.
Тој кажа дека Абе го запознал со односите помеѓу Белград и Приштина и за продолжувањето на косовскиот дијалог во Брисел.
Премиерот Абе, денес за време на средбата помеѓу делегациите на Србија и Јапонија, истакна дека Западен Балкан е важен за стабилноста на цела Европа и за меѓународната заедница.
Шинзо Абе е првиот јапонски премиер и воопшто висок јапонски функционер кој дошол во Србија по 1987 година, а годинава се навршуваат 135 години од првите дипломатски контакти меѓу двете земји.
Владата на Јапонија од 1999 година на Србија ѝ помогнала со донации во вредност од 490 милиони евра.