Zülfiya Yakup
16 Јануари 2018•Ажурирај: 16 Јануари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда", убиен е денес во Северна Митровица, Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Небојша Влаиќ, адвокатот на Ивановиќ, за АА изјави дека политичарот го загубил животот откако се здобил со повреди од куршуми во горниот дел од телото.
Од друга страна, регионалниот директор на косовската полиција, Бесим Хоти, рече дека нападот се случил околу 08.00 часот по локално време.
Тој истакна дека покрената е истрага за инцидентот.
Убиството на политичарот Ивановиќ го осуди претседателот на Косово Хашим Тачи, како и Владата на Косово.
- Претседателот на Косово го осуди убиството на Ивановиќ
По нападот, српската делегација ги прекина разговорите со Приштина во Брисел, и се врати во земјата.
„Ова е криминално и терористичко дело што мора, и ќе биде казнето“, рече Марко Ѓуриќ, челникот на Канцеларијата на српската влада за Косово и Метохија.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, за денес напладне свика вонреден состанок на Советот за национална безбедност.
64-годишниот Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда", беше еден од клучните политичари во северниот дел на Косово, каде што доминира српското население.
Ивановиќ, кој командуваше со српските паравоени групи во војната во Косово, беше осуден на 9 години затвор во 2016 година за злосторства извршени врз цивили Албанци за време на војната. Врховниот суд ја поништи одлуката во 2017 година и нареди повторно судење.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но Белград инсистираше земјата да остане во рамките на Србија.
Оттогаш, останаа тензиите помеѓу косовското мнозинско албанско население и малубројното српско малцинство во северниот дел. Косово е признато од над 100 држави, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Германија и Турција.
Србија, Русија и Кина се меѓу земјите кои сé уште не ја признале независноста на Косово.