Gorana Jakovljevic
18 Август 2018•Ажурирај: 19 Август 2018
БАЊА ЛУКА (АА) - Владата на Република Српска, денес на посебна седница го стави надвор од сила извештајот на Комисијата за истражување на настаните во и околу Сребреница од 10 до 19 јули 1995 година, направен во Бања Лука во јуни и 15 октомври 2004 година, и заклучокот на Владата на РС од 16. посебна седница, одржана на 29 октомври 2004 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Освен тоа, надвор од сила ставени се и извештаите на Работната група на Владата на Република Српска, донесени на 30 март и 30 септември 2005 година за спроведување на заклучоците од конечниот извештај на Комисијата за Сребреница со сите прилози, и заклучокот на Владата на РС од 31 март 2005 година.
„Со цел целосно и вистинско согледување на настаните во Сребреница и сребреничкиот регион во периодот од 1992 до 1995 година, а заради јакнење на довербата и толеранцијата меѓу народите во БиХ, конечното помирување и соживотот на сегашните и идните генерации, Владата на РС формира независна меѓународна Комисија која на објективен и непристрасен начин ќе ги утврди страдањата на сите народи на подрачјето на сребреничкиот регион во периодот од 1992 до 1995 година. Составот и задачите на Комисијата ќе се одредат со посебно решение“, заклучено е денес на седницата на Владата на РС.
Владата на РС одлучи да формира и независна меѓународна Комисија која ќе го испита и состави извештајот за страдањето на Србите во Сараево во периодот од 1991 до 1995 година, чиј состав и задачи ќе се одредат со посебно решение.