Adel Omeragic
22 Мај 2018•Ажурирај: 23 Мај 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Денес во Будва свечено е отворен осмиот по ред Форум „2БС – Да се биде сигурен“ (2BS – To Be Secure), меѓународна конференција која се занимава со прашања на глобалната и трансатлантската безбедност. Централната тема на овогодишниот Форум е политичко-безбедносната ситуација на Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
На Форумот се дискутира и за сè поголемото поместување на европската политика кон десно, а исто така се разговара и за надворешната политика на САД, под водство на Доналд Трамп. На Форумот учествуваат голем број официјални претставници од регионот и пошироко.
Метју Палмер, вршителот на должноста на заменик-помошник државен секретар во Стејт департментот, порача дека целта на САД е земјите од регионот да ја постигнат својата заедничка цел, а тоа се европските и евроатлантските интеграции.
„Членството во НАТО и во ЕУ не е активност што се состои од стремеж за обврски. Станува збор за градење демократски институции, борба против корупцијата и насочување на сите сектори на општеството на патот на владеењето на правото. Ако има предизвици, постојат можности. Само тогаш овој регион може да излезе посилен и да воспостави поцврсти врски во трансатлантската заедница“, рече Палмер.
Тој се осврна на состојбата во земјите на регионот.
„Во Македонија, заемно прифатливото решение е поблиску отколку порано. Мислам на спорот околу името. Сè уште има многу работа, меѓутоа, двете страни, Грција и Македонија покажаа дека можат да работат заедно. Сега е вистинско време, ова е историски момент и САД ќе сторат сé што е во нивна моќ за да ги поддржат двете страни во постигнувањето договор. Албанија, исто така, помина долг пат. ЕУ препорача да се отворат преговори и ова само ја одразува подготвеноста на лидерите на оваа земја за спроведување на реформите во борбата против организираниот криминал и за искоренување на корупцијата“, рече американскиот официјален претставник.
Претседателот на Владата на Црна Гора, Душко Марковиќ, кој ја отвори Конференцијата, порача дека Црна Гора е на стабилен пат како идна членка на ЕУ, но дека Балканот и понатаму е „недовршена работа“.

„Црна Гора е на стабилен пат без враќање, кој одамна и без дилеми го зацртавме. Но, Балканот сѐ уште е недовршена работа. Променетата геополитичка ситуација во која Балканот повторно се најде во судир на интереси, илегални миграции, тероризам, зголемени хибридни закани, економска нестабилност, се само некои прашања кои го оптоваруваат регионот. Сепак, важно е да се препознаат позитивните трендови, да се охрабрат и додатно да се стимулираат. Процесите за пристапување во ЕУ и НАТО се покажаа историски и продолжуваат да бидат главните двигатели на демократските и реформските процеси“, рече Марковиќ.
Зборувајќи за ситуацијата во регионот на Западен Балкан, Марковиќ изрази очекување дека претстојниот самит на НАТО во Брисел ќе донесе нови позитивни моменти за регионот.
„Со нетрпение го очекуваме поволниот развој на Договорот Скопје-Атина за решавање на спорот за името, кој ќе го отвори патот на Македонија кон членство. Се надеваме дека наскоро ќе се најде модалитет за активирање на МАП за БиХ, со кој ќе биде дадена нова енергија за евроатлантските реформски процеси во Босна и Херцеговина. Подеднакво ја поддржуваме соработката која Србија ја остварува со НАТО преку партнерски механизми, како и интеракцијата помеѓу НАТО и Косово.Нè радува, во последно време видно обновениот интерес за регионот на сите важни адреси, од Брисел до Вашингтон“, порача Марковиќ.