Fatjon Cuka
07 Јуни 2016•Ажурирај: 08 Јуни 2016
ТИРАНА (АА) - Состанокот организиран во форма на панел дискусија на тема „Важноста на грчко-албанските односи за европската иднина на регионот” ги собра повторно министерот за надворешни работи на Грција, Николаос Коѕијас и неговиот албански колега, Дитмир Бушати, јавува Anadolu Agency (AA).
На настанот организиран од страна на Универзитетот Тирана, во фокус беа разговорите за билатералните односи, процесот на интеграција на регионот во ЕУ, улогата на Албанија во процесот на интеграција на Балканот.
Грчкиот министер за надворешни работи во почетокот на својот говор им се заблагодари на Албанците за нивниот придонес за доближувањето на двете земји. Тој, исто така, ја истакна потребата од зајакнување на билатералните односи и решавањето на отворените прашања врз основа на меѓународното право. Коѕијас, исто така, зборуваше за можноста за преговори за нов договор за пријателство помеѓу Грција и Албанија.
Додека Бушати истакна дека дебатата вклучува многу фактори со цел унапредување на процесот на решавање на проблемите.
„Двете земји имаат поминато тешки времиња заедно. Потпирајќи се на инструментите на меѓународниот закон и европскиот дух ќе можат некои прашања или проблеми да се надминат. Верувам дека нашата улога тука е важна, но не е ограничена само со улогата на владите и државните институции. Затоа дебатата вклучува учество на разни чинители на општеството, академици, новинари, итн, што е неопходно со цел овој процес да напредува”, рече Бушати.
На крајот на првата панел дискусија, имаше и втора панел дискусија на која учествуваа и албански и грчки академици.
Во текот на дводневната посета на Коѕијас во Албанија, тој оствари средби со високи претставници на албанската држава, со претседателот Бујар Нишани, премиерот Еди Рама и со министерот за надворешни работи Дитмир Бушати.