Besar Ademi
11 Октомври 2018•Ажурирај: 12 Октомври 2018
КУМАНОВО (АА) - Премиерот на Македонија, Зоран Заев, на церемонијата за одбележување на 11 Октомври - Денот на народното востание во Куманово, истакна дека вистинските патриоти го почитуваат минатото, но уште поважна е нивната гледна точка за иднината, која за Македонија е европска и евроатлантска иднина, јавува Аnadolu Agency (AA).
Во своето обраќање во „Спомен костурницата“ во Куманово, Заев нагласи дека за да се освои слобода за сите граѓани, за да се заштити тоа што е наследено, и за да се направи земјата подобра за живеење, секоја генерација има обврска да ги прошири гледните точки, и да реагира тогаш кога некој го блокира развојот на земјата.
Според него, најголема обврска и одговорност имаат политичките претставници кои, како што рече, секако треба да продолжат во постигнувањето на стратешката цел, членството на земјата во НАТО, и потоа и во Европската Унија (ЕУ).
„Сега е време да им докажеме на последните скептици дека Република Македонија е новата ѕвезда во европското соѕвездие, дека го заслужуваме тоа место. На 11 октомври 1941-та година кога поривот за државност повика на акција, патриотите презедоа акција. Вистинските патриоти го почитуваат минатото на својата земја, но многу е поважен нивниот поглед кон иднината. Единаесетти октомври 2018 година е дел од востанието на нашата генерација. Ова е востание на гласот, тој глас со кој ќе ја осигураме иднината на слободна, независна, европска, просперитетна Македонија“, рече Заев.
Заев истакна дека тој глас на востанието ги повикува државните институции да овозможат европска и евроатлантска иднина за сегашните и идните генерации на Македонија.
Премиерот Заев подвлече дека изборот за членство на земјата во НАТО и ЕУ го утврдува патриотизмот на сегашните генерации, додека со тоа на идните генерации им се дава причина да ги слават успесите на сегашните генерации.
Заев ја предводеше владината делегација составена од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и други, кои положија цвеќе пред „Спомен костурницата“ во Куманово, а покрај владината делегација цвеќе положија и собраниската и претседателската делегација, како и други општински делегации и делегации на невладини организации.
Инаку, 77-годишнината од почетокот на Антифашистичкото востание и од Народноослободителната војна денес во Македонија се одбележува со неколку манифестации организирани од страна на Владата, Собранието, Сојузот на борците, како и од општините Прилеп и Куманово.
Се верува дека на 11 октомври 1941 година, Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, нешто што го одбележа почетокот на организираното востание на народот на Македонија против бугарските, италијанските и германските окупатори за конечно ослободување на земјата, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.