СКОПЈЕ (АА) – Пред нешто повеќе од година дена, односно на 21.04.2015 година, во северниот пограничен дел од земјата, во Гошинце, општина Липково, беше нападната полициска станица. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија тогаш соопшти дека група од 40 маскирани и вооружени лица, кои, како што рекоа, најверојатно дојдоа од Косово, го изведоа нападот на оваа полициска станица. Според информациите кои во јавноста ги соопшти МВР вооружената група ја нападна полициската станица во која имало четворица дежурни полицајци кои биле разоружани.Случајот заврши без жртви, а во северниот дел од земјата беа зголемени безбедносните мерки.
- Мајските настани во кумановската населба Диво Насеље
Потоа, за само неполни 20 дена, односно на денешен ден минатата година, во населбата Тоде Мендол, или Диво насеље, се случи вооружен судир помеѓу вооружена група и македонската полиција. Судирот траеше два дена а епилог од истиот беа, осум загинати припадници на македонските безбедноси сили а 37 беа ранети, додека од друга страна 10 членови на вооружената група беа убиени, од кои 9 беа косовски државјани. Граѓаните беа исплашени и изненадени, а 15-тина куќи беа уништени.
Точно пред една година, ноќта од 9 кон 10 мај, се слушнаа истрели, одекнаа силни експлозии и беше отворен оган кој траеше со часови. Група на вооружени лица се наоѓаше во објектот кој беше предмет на полициска проверка. Акцијата траше и во текот на утрешниот ден, каде во утрнинските часови се слушаше пукање, граѓаните беа евакуирани, а во населбата Тоде Мендол беше прекината испораката на електрична енергија.
Градот го надлетуваа хеликоптери и владееше вонредна состојба. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија тогаш соопшти дека е покрената акција со цел откривање на поголема вооружена група, која според тогашните оперативни инормации требаше да изведе напади на државните институции. МВР тогаш информираше дека информациите кои ги поседува укажуваат дека вооружената група влегла илегално во Македонија, од соседна земја и со помош на свои поддржувачи засолниште нашла во Куманово, подготвувајќи се за идни напади. Истиот извор на МВР, наведе дека се работи за “добро вооружена и обучена група за борба во овие услови”.
Објаснувајќи ја акцијата на полицијата, официјалните лица на МВР изјавија дека полицајците наидоа на жесток отпор на вооружените лица кои ги нападнале со автоматско оружје, бомби и снајперски оган. Основниот суд во Скопје одреди едномесечен притвор за 30 лица на уапсените во акцијата на полицијата. Според соопштението на Основниот суд, меѓу членовите на вооружената група 18 лица се по потекло од Косово, двајца државјани од Македонија со престој во Куманово, како и девет државјани во Македонија и еден Албанец со престојувалиште во Германија. Поголемиот дел од нив, како што беше наведено во соопштението на скопскиот суд признаа дека илегално ја поминале македонската граница.
- Влијанието на мајските настани во Куманово врз политичката состојба во Македонија -
Овој немил настан се случи во екот на политичката криза во Македонија и додатно ја влоши севкупната состојба во државата. Три дена по вооружениот судир во Куманово, под влијание на меѓународната заедница, министерот за транспорт и комуникации на Македонија, Миле Јанакиевски, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и шефот на службата за контраразузнавање, Сашо Мијалков, поднесоа оставки од своите функции изразувајќи надеж дека со тоа ќе допринесат за стабилизација на политичката состојба во државата. На 17-ти мај минатата година во организација на опозициските партии и невладините организации во Скопје беа одржани масовни протести каде беше изразено незадоволството од состојбите во државата.
На протестите беа присутни граѓани од различни етнички заедници. Тие изразија желба за подобрување на севкупната состојба во државата, нејзнино стабилизирање и изразија надеж дека мирот, безбедноста и соживотот во Макеоднија нема да бидат ставени под знак прашалник.
- Судски процес за случувањата во кумановско Диво Насеље -
На 09.02.2016 година во Основниот суд Скопје 1 започна судскиот процес против 29 лица, дел од "Вооружената криминална група" кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” од член 394 – а и „Тероризам” од член 394 -б од Кривичниот законик, во врска со настаните поврзани со случувањата во Куманово од 9 и 10 мај минатата година.
По неколкумесечата истрага Јавното обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција во ноември минатата година поднесе обвиненија против 29 лица. Од друга страна, сите 29 обвинети за случувањата во Куманово изјавија дека не се чувствуваат виновни. Според одбраната, случајот треба да се достави до специјалниот обвинител, "бидејќи мотивот, како што велат, не е тероризам, а обвинетите се жртви на некое друго сценарио".
По петчасовното сослушување, обвинетите ги отфрлија обвиненијата за "тероризам" и "организација во терористичка група" На 25.02.2016 со сослушувањето на неколку сведоци предложени од обвинителството во кривичниот суд Скопје 1 продолжи судскиот процес за случувањата во Диво Насеље. Некои сведоци се земени на сослушување од страна на јавниот обвинител. Според изјавите на адвокатите на дел од обвинетите намерата на обвинителство со овие сведоци, била да докаже дека настанот на 9 мај предизвикал чувство на страв и несигурност кај луѓето кои биле во близина на конфликтот. Судскиот процес е сè уште во тек.
- Куманово, година дена по немилите настани во Диво Насеље -
Година дена по немилите настани, Куманово е мирно, а граѓаните ги испраќаат пораките на мирот, истакнувајќи дека овој град има вековна мултиетничка традиција и дека секогаш така и ќе остане.
Веруваат дека немилите настани нема да се повторат и истакнуваат дека заедничкиот живот е во интерес на сите граѓани на Куманово и Македонија, без оглед на етничката или верската припадост.
Сепaк, година дена подоцна сите се во исчекување на правно разрешување на случувањата во населбата Диво Насеље, а сè уште не се одговорени низа прашања поврзани со разјаснувањетo на минатогодишните случувања, а кои се во интерес на пошироката јавност.
news_share_descriptionsubscription_contact
