Ivana Ramadanova
13 Јули 2016•Ажурирај: 14 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права излезе со неделниот извештај за состојбата на мигрантите на граничните премини во Гевгелија и во Куманово, јавува Anadolu Agency (AA).
Според извештајот, бројот на бегалци во кампот е непроменет, како и изминатата седмица, и изнесува 133. Во кампот продолжува поставувањето на патеки со бекатонски плочки.
Во заедничките тоалети за бегалците се забележува влошена хигиенска состојба, недостаток на хигиенски средства и расипани чешми. Хелсиншкиот комитет апелира до надлежните служби во кампот да се одржува хигиената на највисоко ниво, во тоалетите и во целиот камп, со цел да се зачува и да не се загрозува здравјето на бегалците.
Бегалците кои веќе подолг период се задржани во Прифатниот – транзитен центар (ПТЦ) Винојуг, Гевгелија и немаат право да се движат надвор од кампот, се наоѓаат во загрижувачка психичка состојба поради неизвесноста за својата иднина и монотониот живот во кампот.
Хелсиншкиот комитет апелира до надлежните институции во ПТЦ Винојуг да се преземат итни мерки за анимирање на бегалците во кампот, како и да се најде начин за нивно движење надвор од кампот, мерки што ќе придонесат за подобрување и одржување на нивното психичко здравје.
Во текот на седмицата, околу 100 бегалци беа затекнати од страна на полицијата по илегални патишта. Во првиот случај, 96 бегалци беа пронајдени во камион на патот помеѓу селата Смоквица и Прдејци. Бегалците се со различно потекло, односно од Сирија, Ирак, Авганистан и од Пакистан. Тие беа сместени во приемниот шатор пред кампот, па откако од страна на Црвениот крст им беше укажана хуманитарна помош, тие беа пренесени на грчка територија.
Во друг случај, во близина на струмичкото село Ново Село беа пронајдени двајца бегалци со потекло од Индија и од Пакистан. Кај еден од нив беа забележани повреди на ногата. Откако му беше укажана медицинска и хуманитарна помош од страна на Црвениот крст, двајцата беа пренесени на грчка страна.
Според Хелсиншкиот комитет, бројот на бегалците во транзитниот камп во Табановце, Куманово, изнесува околу 70 бегалци и тој секојдневно се намалува. Кампот во континуитет се надградува. Во изминатата седмица се поставени нови тушеви и сервисирани се неколку клима-уреди.
Ситуацијата во кампот е мирна и непроменета од изминатата седмица. Бројот на бегалци во Прифатниот центар за странци во Гази Баба изнесува 30, додека во Прифатниот центар за баратели на азил – Визбегово, моментално се сместени 13 бегалци. Во Безбедносната куќа пак, згрижени се 14 лица.
Во текот на минатата седмица, Министерството за внатрешни работи регистрирало еден кривично-правен настан поврзан со криумчарење мигранти. Имено, во близина на селото Прдејци, во товарен камион биле пронајдени 96 бегалци со различно потекло од Пакистан, Авганистан, Ирак и од Сирија. Возачите на камионот не се затекнати на местото на настанот. Бегалците се пренесени во ПТЦ Винојуг, Гевгелија и по кратко задржување се пренесени на грчка територија.