Ivana Ramadanova
11 Септември 2016•Ажурирај: 12 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Рано утринава околу 04.15 часот на автопат Гевгелија – Скопје, полицијата ранила 21-годишно моче кое со автомобил превезувал мигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, полициските службеници во раните утрински часови од наплатна рампа „Градско“, следеле патничко моторно возило марка „Голф 3“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.М. (21) од село Ваксинце во кое имало 10 мигранти.
„На наплатната рампа ,Отовица', С.М. го напуштил возилото и побегнал, по што полициските службеници тргнале по него и испукале еден куршум за заплашување. С.М. бил погоден во пределот на левото рамо и пренесен во Медицинскиот центар во Велес”, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Оттаму велат дека по укажаната лекарска помош, тој е задржан во СВР Велес. Увид на местото на настанот се очекува да се изврши во текот на денешниот ден.