Besar Ademi
03 Јули 2016•Ажурирај: 04 Јули 2016
КУМАНОВО (АА) - По смртта на 4-годишното дете, Алмир Алиу од Куманово, кое почина откако намерно беше удрено со автомобил, по расправија помеѓу неговиот татко и осомничениот за убиство Бојан Илиќ, овој случај во јавноста предизвика многу реакции и револт. На социјалните мрежи има бројни коментари преку кои граѓаните бараат правда за малиот Aлмир, вклучувајќи ги и националистичките повици за протести, јавува Anadolu Agency (AA).
„Главата“ на семејството Алиу, Нијази Алиу, за АА изјави дека неговото семејство повеќе од 100 години живее во Куманово и претходно никогаш немале вакви проблеми. Заблагодарувајќи му се на албанскиот народ за поддршката на неговото семејство во овие тешки денови, тој апелираше овој случај на Aлмир да не се злоупотребува на националистичка основа.
„Нашата порака е да се сочува спокојството, почитта и мирот. Ние не сакаме да се претвори ова на национална основа и не сакаме да се одмаздуваме. Единствено што сакаме е правдата да излезе на видело и криминалецот кој го изврши ова дело да се казни”, рече Алиу.
Утре во Куманово е најавен протестен марш правда за Алмир, а улиците каде што се наоѓаат судот, општината и полициската станица ќе бидат блокирани. Нијази Алиу рече дека не сакаат да бидат причина за ваквите протести.
„Со наша дозвола, јас би рекол да не се организираат протести. Нашето семејство нема одговорност за овие протести. Од надлежните органи бараме максимална правда за нашиот Алмир”, вели Алиу.
Четиригодишното дете, Алмир Алиу, почина во петокот на клиниката во Скопје, поради нанесените повреди од намерен удар со автомобил од страна на осомничениот Илиќ. Основниот суд во Куманово одреди 30-дневен притвор на осомничениот, кој е обвинет за кривично дело „обид за убиство”.