Admir Fazlagic
10 Октомври 2018•Ажурирај: 10 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Република Македонија на 18 и 19 октомври оваа година, во седиштето на Алијансата во Брисел официјално ги почнува пристапните разговори за членство во НАТО, изјави портпаролот на Владата на Република Македонија Миле Бошњаковски, пренесува Anadolu Agency (AA).
На денешната прес конференција во Владата на Република Македонија, Бошњаковски информираше дека на вчерашната владина седница е разгледана и усвоена информацијата за формирање Работен комитет што ќе биде задолжен да ги спроведе пристапните разговори.
Тој посочи дека Македонија е целосно подготвена за овие разговори и посочи дека официјалната делегација од Владата во која ќе има членови од повеќе ресорни министерства и институции ќе ја предводи националниот координатор Стево Пендаровски.
„Ние сме подготвени целосно и Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО работи веќе подолго време", рече Бошњаковски.
Владиниот портпарол додаде дека процесите се одвиваат паралелно за полноправно членство и посочи дека за полноправно членство потребно е и целосна имплементација на Договорот од Преспа, прво во Парламентот на Македонија, односно усвојување на уставните промени, а потоа и негова ратификација во грчкиот Парламент.