Bekim Laci
25 Декември 2018•Ажурирај: 26 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, истакна дека во текот на 2018 година Законодавниот дом успеа да ги реализира очекувањата од законодавен аспект, бидејќи успеа навреме да ги затвори значајните прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
На традиционалното предновогодишно дружење со новинарите, Џафери нагласи дека не може да одвои некоја тема, бидејќи, како што рече тој, оваа година беше полна со настани, како што се Договорот од Преспа, ратификувањето, уставните измени, буџетот и низа прашања кои ја карактеризирале годината.
„Како и да е, Собранието успеа да ги исполни очекувањата на граѓаните, за кои покажуваат и анкетите на надлежните институции, во кои Собранието е оценето на адекватен начин“, рече Џафери.
Џафери се осврна и на политичките настани, особено на тоа што претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, не го потпиша Законот за употреба на јазиците и Договорот од Преспа.
Џафери рече дека потписот на претседателот е законска обврска која тој не ја исполнил, и повтори дека тоа ќе се направи со неговиот потпис, без да определи кога, иако нагласи дека тоа ќе се случи заедно со декретирањето на уставните измени.
„Седницата за уставните измени е свикана за 9 јануари, и според динамиката ќе заврши брзо, претпоставките се максимум до 15 јануари, но не задолжително, може и порано. Двата закона ќе одат заедно во Службениот весник“, истакна Џафери.
Во однос на иницијатива за можен предлог Закон за пратениците, според кој по мандатот, државата треба да им обезбеди работно место, Џафери рече дека „не може некој четири години да биде пратеник, а потоа храна да бара по контејнери", но нагласи и дека не може да коментира нешто без да го види текстот на Нацрт-законот.