Husameddin Gina
25 Декември 2018•Ажурирај: 26 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска го промовираше годишниот, традиционален Извештај за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите за 2018 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Извештајот го промовираше извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, кој истакна дека Владата во 2018 година не успеала да ги заврши медиумските законски проекти, како што се донесување на измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност, клевета и навреда и на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Во 2018 година не само што немаше подобрување во делот на законската медиумска легислатива туку имаше, за жал, и одредено назадување. Во текот на летните одмори, во месец јули, без никаква дебата и целосно нетранспарентно, Владата ги усвои измените и дополнувањата на Изборниот законик и на Законот за финансирање на политички партии“, истакна Секуловски.
Според него, ваквите измени ќе имаат негативно влијание врз слободата на медиумите.
За ЗНМ позитивна работа оваа година е што има одредено подобрување во безбедноста на новинарите. Бројот на напади е намален за трипати. Исто така, донесени се и првите судски пресуди против оние што напаѓаа новинари во минатото. Минатата година имало 18 напади врз новинари, во 2018 година 6 напади.
Од друга страна, пак, според ЗНМ, политиката на неказнивост во Македонија има длабоки корени. Од 59 регистрирани напади, во моментот со судска одлука решени се само два случаја од нападите.
Во Извештајот се споменува и економската ситуација на новинарите.
„За жал, речиси половина од новинарите имаат помала плата од државната плата што е просечна во Република Македонија, која изнесува некаде околу 24 илјади денари“, истакна Секуловски.
Тој, исто така истакна дека на над 55 отсто на новинарите од Македонија во 2018 година им доцнат платите и немаат договори за работа.
Извештајот е изготвен во рамки на проектот „Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите“.