Zülfiya Yakup
24 Декември 2018•Ажурирај: 25 Декември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово денес го усвои нацрт-законот за задачите, одговорностите и надлежностите на државната делегација на Косово во процесот на дијалогот со Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, на седницата на Владата истакна дека предложениот нацрт-закон ја одредува институционалната хиерархија и процедурите на одлучување во процесот на дијалогот со Србија. Харадинај рече дека нацрт-законот ќе биде проследен до косовското Собрание на разгледување и усвојување.
Претходно, Претседателството на Собранието на Косово, на денешниот состанок одлучи Собранието да одржи вонредна седница во среда, со цел да се дискутира за документот кој го подготви Владата на Косово за дијалогот со Србија.
Да потсетиме, косовското Собрание на вонредната седница минатата недела ја усвои резолуцијата за дијалогот со Србија, која предвидува формирање нова државна делегација за дијалогот со Србија.
Новата делегација ќе ја предводи претседателот на опозициската Социјалдемократска партија, Шпенд Ахмети, и лидерот на владејачката Иницијатива на социјалдемократите, Фатмир Лимај. Делегацијата ја сочинуваат 12 членови, седум од владејачките партии, четири од опозицијата и еден од граѓанското општество. Во работата на таа седница не учествуваа пратениците на двете најголеми опозициски партии, Движењето „Самоопределување“ и Демократскиот сојуз на Косово.