Zülfiya Yakup
29 Август 2017•Ажурирај: 30 Август 2017
ПРИЗРЕН (АА) - Амбасадорката на Република Турција во Косово, Кивилџим Килич, денеска го посети училиштето „International Maarif Schools of Kosova“ (Меѓународнo училиштe Маариф во Косово) во Призрен, кое треба да започне со работа во претстојната учебна година, јавува Anadolu Agency (AA).
Училиштето го посетија амбасадорката на Турција, Килич, пратеници од турската заедница во Собранието на Косово, Муферах Шиник и Фикрим Дамка, конзулот на Република Турција во Призрен, Селен Евџит, координаторот на Фондацијата „Маариф“ на Косово, Месут Озбајсар, наставници од училиштето и ученици со своите родители.
Турската амбасадорка во своето обраќање истакна дека Фондацијата „Маариф“ е единствената фондација којашто е овластена во името на Република Турција и има право во нејзино име да развива образовни активности.
„Фондацијата 'Маариф' е едиствена фондација што има овластување да развива образовни активности во име на Република Турција. Но тука, во Косово, за првпат и во светот, 'Маариф' ја започнува својата работа со сопствена опрема и во сопствени училишта“, рече Килич.
Килич истакна дека структурирањето во странство на терористичката организација ФЕТО, која го изврши обидот за државен удар во Турција на 15. јули минатата година, се спроведува преку институции, почнувајќи од таканаречените образовни институции. Таа посочи дека дипломите што ги издаваат институциите на таа организација нема да бидат валидни, ниту нострифицирани во Турција.
Амбасадорката Килич додаде дека ја продолжува работата со косовската Влада во борбата против структурите на организацијата ФЕТО во Косово.
„Нашите очекувања од сите пријателски земји е да го покажат својот конкретен придонес во тој поглед, затоа што не сакаме оваа организација тоа што ѝ го стори на Турција, да го стори и во други земји“, истакна амбасадорката Килич.
Истовремено, координаторот на Фондацијата „Маариф“ во Косово, Месут Озбајсар, изјави дека работеле и дење и ноќе за да го подготват училиштето за новата училишна година и оти сега се присутни сите физички услови за многу поквалитетно образование.
„Сета таа опрема што се користи тука е од највисок квалитет. Обезбедивме најдобра опрема, вклучувајќи и паметни табли. Избравме опрема од највисок квалитет и на децата ќе им обезбедиме квалитетно образование според меѓународните стандарди“, изјави Озбајсар.
По одржаните говори, сите гости направија обиколка на опремените училници.
„International Maarif Schools of Kosova“ во Призрен ќе започне со работа на 11 септември, со настава за учениците од 1 до 9 одделение. Ова училиште ќе има 18 одделенија.
Покрај современо опремените училници, училиштето има и кабинет за уметност, музичко, две лаборатории за научни студии, јазична лабораторија за учење англиски и турски јазик, училница за информатика, сала со комјутери за учење роботика, како и библиотека за учениците.
„International Maarif Schools of Kosova“ на своите ученици им нуди и специјални програми, со меѓународни компетенции, во соработка со службениот образовен план и програма на Косово.
Како дел од персоналот на училиштето се ангажирани еден психолог и педагог, како и медицинска сестра. На учениците ќе им биде понудена и можност за исхрана во училишната кујна.
Освен во Призрен, фондацијата „Маариф“ ќе ги дава своите услуги и во едно училиште во Приштина.