Admir Fazlagic
29 Август 2017•Ажурирај: 29 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Советот на јавните обвинители, Петар Аневски, денеска поднесе оставка од функцијата, поради, како што рече во неговата изјава, лични и семејни причини, пренесува Anadolu Agency (AA).
Аневски се повлекува од претседателската функција, но и понатаму останува член на Советот.
„Членовите на Советот ќе одлучуваат по мојата оставка в четврток. Дали ќе ја прифатат или не, тоа е нивна одлука. Без разлика на оставката, и понатаму останувам на функцијата член на Советот на јавни обвинители бидејќи сум избран од Основното јавно обвинителство Битола и ќе продолжам со таа функција од 1 септември ако биде прифатена мојата оставка. Мојата функција изминува во 2020 година и имам уште три години да ја вршам функцијата член на Советот на јавни обвинители", изјави Аневски.
На денешната седница на Советот, за в.д. јавен обвинител на РМ е назначена обвинителката Лилјана Спасовска. Таа ќе ја извршува должноста до именување нов јавен обвинител на Република Македонија.
Петар Аневски беше избран за претседател на Советот на јавни обвинители од 30 јуни 2014 година. На чело на Советот дојде од Вишото обвинителство во Битола.
Според Законот за Советот на јавни обвинители на Република Македонија, претседателот на Советот се избира од членовите на Советот, од редот на избраните јавни обвинители, со мнозинство гласови од вкупниот број членови со тајно гласање. Советот на јавни обвинители, согласно законот, треба да има 11 членови.