политика

Собранието на Северна Македонија ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека оставката на премиерот подразбира и оставка на целата Влада и додаде дека актуелната Влада ќе продолжи да ја извршува функцијата до избор на нова влада

Abdula Berisha  | 23.12.2021 - Обновена : 24.12.2021
Собранието на Северна Македонија ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Северна Македонија ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, која тој ја најави по неповолните резултати од локалните избори одржани во октомври, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, рече дека според уставните одредби, оставката на премиерот подразбира и оставка на целата Влада. Тој додаде дека актуелната Влада ќе продолжи да ја извршува функцијата до избор на нова влада.

Во своето писмо испратено вчера до Собранието, Заев вели дека оваа одлука ја презел како „логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори“ во октомври и како „израз на преземената одговорност“ за изборните резултати.

„Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, поради политиките во кои верувам, поради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата“, истакна Заев.

Премиерот во оставка, Зоран Заев, одлучи да не ја образложи оставката пред пратениците, а на седницата не беше присутен ни тој, ниту членовите на Владата.

По констатирањето на оставката на Владата, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, треба да именува нов мандатар во рок од 10 дена, а новиот мандатар има рок од 20 дена до Собранието да достави нов состав и програма на Владата.

Како што најави и Заев, мандатар се очекува да биде друго лице од редовите на СДСМ, со изменет владин состав и владини коалиционери.

Потсетуваме дека Заев поднесе оставка и од функцијата претседател на СДСМ. Владејачката партија претходно овој месец го избра Димитар Ковачевски за нов претседател.

Најголемото достигнување во 4,5-годишниот мандат на премиерот во оставка, Зоран Заев, е зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, што се овозможи по решавањето на спорот за името со Грција и потпишувањето на Преспанскиот договор.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.