Besar Ademi
30 Август 2017•Ажурирај: 31 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, на конференцијата „Македонија кон целосно членство во НАТО“, истакна дека Балканот е првата одбранбена линија на Алијансата од екстремистичките движења и акции, и од илегалната миграција, за што е потребен заеднички одговор за справување со нив, како и побрза интеграција на регионот во Алијансата, јавува Anadolu Agency (AA).
Димитров нагласи дека вклучувањето и ангажирањето на Македонија во заедничките регионални активности придонесува во поддршката за целосна одбрана и воен капацитет на Алијансата. Шефот на македонската дипломатија рече дека новите безбедносни ризици со коишто се соочува светот, бараат заеднички пристап и напор на земјите во решавањето на отворените предизвици.
„Балканот е прва одбранбена линија во овој дел на Европа. За вистински одговор и справување со нив, потребна е што побрза интеграција на регионот, на оние нации на оние држави што тоа го сакаат, во Алијансата. Сите овие процеси на вклученост и посветеност од наша страна придонесуваат за поддршка на целокупниот одбранбен и воен капацитет на Алијансата. Новите безбедносни ризици со кои се соочува светот ја наметнуваат потребата за заеднички пристап и напор на државите во разрешувањето на предизвиците. Регионот на Западниот Балкан, исто како и Европа и другите региони во светот, се соочува со движење и дејствија на екстремисти и нелегална миграција. Поради својата геостратешка позиција во однос на транснационалните закани од Блискиот Исток и од Северна Африка, нашиот регион бил, и е изложен на можен насилен радикализам. Активностите на ДЕАШ, бегалската криза, експанзијата на насилниот екстремизам и радикализам, како и одржувањето на конфликтните жаришта претставуваат закана за можни директни безбедносни импликации за земјите од регионот на Западниот Балкан“, рече Димитров.
- За продолжување на политиката за проширување на НАТО, местото на 30. член треба да биде Македонија
Министерот Димитров истакна дека Владата на Македонија го поздрави последното проширување на НАТО со членството на Црна Гора, кое го опиша како „значајна придобивка како за Црна Гора, така и за регионот и за Алијансата“.
„Ние како Влада, го поздравивме последното проширување со зачленувањето на Црна Гора и цениме дека тоа претставува значајна придобивка, како за Црна Гора, така и за регионот, но исто така и за Алијансата. Како продолжување на оваа политика од геополитички и од геостратешки аспект сметаме дека е неопходно што поскоро Македонија да стане полноправна членка на НАТО“, нагласи Димитров, истакнувајќи дека за постигнување на оваа цел, Македонија работи и внатре, но и надвор од земјата.
Димитров додаде дека Македонија како земја што себеси се смета како член на НАТО, во наредниот период ќе го зголеми своето учество во меѓународните мировни мисии за 20 отсто, а буџетот во областа на одбраната за секоја година ќе се зголемува за 0,2 отсто, за до крајот на мандатот да достигне до 1,8 отсто од годишниот бруто домашнен производ на Македонија.
Конференцијата „Македонија кон целосно членство во НАТО“, одржана во просториите на Министерството за надворешни работи на Македонија, е заеднички организирана со Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи на Македонија и Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“.
Учесниците на конференцијата дискутираа околу процесот за пристап на Македонија до НАТО, потребните реформи за исполнување на критериумите за членство и ангажирањето на новата влада за деблокирање на процесот на евро-атлантска интеграција, како и за преземените чекори за подобрување на соседските односи.
Конференцијата беше отворена од страна на директорот на Институтот за стратешки истражувања, Абдулкадар Мемеди, додека пред присутните се обратија и американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли, како и амбасадорот на Германија во Скопје, Томас Норберт.
Конференцијата беше поделена на два панела, од кои едниот беше „Придонесите на НАТО за безбедноста и стабилноста на Западен Балкан“, а другиот „Македонија и НАТО: Од активно партнерство до целосно членство“.