Zülfiya Yakup
30 Август 2017•Ажурирај: 31 Август 2017
ПРИШТИНА (АА) - По повод 30. август, Меѓународниот ден на исчезнатите лица, денес во организација на Здружението за исчезнати лица и Владината комисија за исчезнати лица, организирано е да се положи цвеќе на споменикот на исчезнатите лица пред Собранието на Косово, како и заедничка прошетка од споменикот, до плоштадот Скендербег, а во оваа пригода беа пренесени пораките и барањата на членовите на семејствата на исчезнатите, јавува Anadolu Agency (AA).
Истовремено, неколкумина млади симболично пуштија 18 бели балони кон небото, со пораки од семејствата кои бараат одговор каде се нивните најмили, и тоа на три јазици: албански, српски и англиски, со цел целата јавност да биде известена дека семејствата на исчезнатите сѐ уште, 18 години по завршувањето на војната во Косово, ги носат рана и болка по своите најмили.
Меѓу присутните беше и Халил Хасани од селото Чабра, општина Зубин Поток, кому му исчезнале четворица синови. Неговите синови се киднапирани во селото Жабаре, на 8. јуни 1999 година. Врз основа на информациите од повеќе српски извори, тој се надева дека неговите синови се сѐ уште живи и се наоѓаат во затворите во Србија.
„Сите тие информации ги дадов на нашите, но не веруваат и мислат дека тоа се лаги. Најстариот син имаше 32 години, а најмладиот 15,5 години“, изјави Хасани.
Ганимети Хисени од Митровица го бара исчезнатиот брат Мехмет, кој тогаш имал 28 гoдини.
„На 25 мај 1999 година излезе од куќата. Беше со уште едно лице, кое се спаси, но мојот брат не. Го баравме на многу места, но неговата судбина и понатаму не ја знаеме“, вели Хисени.
Бајрам Ќеркини, претставник на Здружението на исчезнати лица во Косово, упати критика до косовските власти поради застојот во процесот на расветлување на судбината на исчезнатите лица. Тој истакна дека адресата за решавање на ова прашање е Србија, но оти косовските официјални лица не се доволно упорни во барањето помош од меѓународната заедница.
Пренк Ѓетај, претседател на Владината комисија за исчезнати лица во Косово, изјави дека Меѓународниот ден на исченатите лица е ден кога целиот свет се присетува на своите најмили кои исчезнале во војните и во различни катастрофи, а Косово е дел од тој свет што тагува.
„Семејствата на исчезнатите лица засега се најпогодена категорија од последната војна. Затоа апелираме до сите оние што располагаат со некоја информација, да ни помогнат со тоа што ќе дадат информации, затоа што недостатокот на информации значи и недостаток на сознавање за нашите најмили“, изјави Ѓетај.
Во Косово, по војната во 1999 година, се трагаше по 6.000 лица, а денес како исчезнати сѐ уште се водат 1.658 лица, меѓу кои над 1.000 Албанци и повеќе од 500 Срби и припадници на другите заедници.