Admir Fazlagic
31 Август 2017•Ажурирај: 31 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, денес пристигна во еднодневна официјална посета на Македонија, која ја започна со средба со својот македонски колега, министерот Никола Димитров, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што е најавено од македонското МНР, делегациите на двете министерства ќе одржат пленарни разговори, а по состаноците, министирите Димитров и Коѕијас ќе одржат и заедничка прес-конференција.
Предвидено е грчкиот министер за надворешни работи да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, како и со другите претставници на парламентарните партии.
Посетата на Коѕијас е возвратна, по онаа на Димитров во Атина, во јуни годинава. Во фокусот на разговорите, според најавите, ќе биде имплементацијата и проширувањето на мерките за градење доверба и најновите случувања во регионот.
Министерот Димитров вчера, во одговор на новинарско прашање за очекувањата од посетата на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, рече дека е важно да се воспостави отворен однос и Грција да го препознае новиот момент во Македонија и да го поддржи.
Според најавите од двете страни, Никос Коѕијас со државниот врв на Македонија нема да разговара за спорот со името.
Во очи средбата на грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас со неговиот колега Никола Димитров, пред зградата на Министерството за надворешни работи протестира мала група луѓе, организирани од страна на „Македонски манифест“ и „Светскиот македонски конгрес“, кои бараат безусловен крај на разговорите за уставно, продолжување на членството во ОН под уставното име Македонија.