живот

Соколарството како начин на живот

Соколарството се појавува пред неколку века и остава свој белег низ историјата. Иако денеска многумина го сметаат за хоби, соколарот Китановски вели дека соколарството за него е начин на живот, а во минатото тоа се сметало за професија.

Edıta Zekjırovıc   | 28.05.2022
Соколарството како начин на живот Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) – ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ -

Секојдневно сведочиме на силната поврзаност помеѓу луѓето и животните и покрај тоа што не комуницираат на ист начин, но она што луѓето сѐ уште ги изненадува и фасцинира е човековата поврзаност со дивите животни, која многумина ја сметаат за лудост или пак „невозможна мисија“.

На една таква неверојатна поврзаност сведочеше екипата на Агенција Анадолија (АА), која замина во лов со младиот соколар Трајче Китановски (33) и неговиот американски пустински јастреб од видот Харисон (латински Parabuteo Unicinctus), кого тој го нарекол Хари.

„Каква било емоција да имам, Хари ми помага многу, доколку сум тажен, одиме честопати во природа, бегаме од сите, од цел свет. Тоа ме исполнува. Буквално неговиот лет, лов, начинот на лов, размислувањето, таа наша поврзаност, кога го гледам како лета, како да летам јас“, вели Китановски.

- Што треба да знаат луѓето за птиците грабливки? -

Најголемиот предизвик со кој Китановски се соочил било стекнувањето доверба кај птицата грабливка, или како што тој уште го нарекува „ѓаволски тешка работа“. Процес кој бара многу време, трпение и труд за јастребот да почне да го гледа човекот како партнер во ловот.

„Првите знаци на дива птица се да ги рашири крилјата, да креска, да те гледа во очи, да те предизвикува да ја погледнеш за да те нападне, да има алиби... И тогаш, во првите часови, но и во првите денови, птицата не смее да се гледа во очи“, објасни Китановски.

Тој раскажуваше и за појавата која е многу критикувана, врзувањето на птицата грабливка на соколарски начин, велејќи дека тоа се прави токму заради безбедноста на самата птица, за да не се исплаши при транспорт или средба со друго животно.

„Доказ за тоа дека птицата не е измачувана е тоа што ние летаме секојдневно - јас ја пуштам, а ако птицата е несреќна, таа може да си оди каде сака и да не ми се врати никогаш“, објасни тој.

Китановски вели дека јастребот Хари, кој на прв поглед личи дека е нескротлив, е всушност неговиот најдобар пријател.

„Јас сум успеал да го социјализирам до тој степен да снима спотови со други луѓе, да не се плаши ниту од автомобили, ниту од свирежи, ниту од бучава, од ништо слично. Знаме сите дека доколку птицата е дива и види какво било животно, или ќе го нападне или ќе избега, но Хари не, Хари е буквално небаре како човек“, вели Китановски.

- Еден соколарски ден -

Китановски вели дека под соколарство спаѓаат и јастребарството и орларството, а она што најмногу го сака во овој начин на лов е тоа што ниту еден ден не е ист, секој е различен и е посебен на свој начин.

Еден соколарски ден започнува со мерење на птицата грабливка, каде доаѓа до израз умешноста на соколарот. Тој преку стекнатото знаење треба да процени дали птицата е гладна или сита, дали е подготвена за лов, или пак само за летање.

„Нему во денот му е потребно да лета барем еден-два часа, а соколарот треба да е со својата птица четири-пет часа. Не мора да лета, но да бидат заедно, токму така и се гради таа конекција помеѓу соколарот и птицата, таа доверба и љубов“, вели Трајче.

- Соколарството како професија -

Соколарството се појавува пред неколку века и остава свој белег низ историјата. Иако денеска многумина го сметаат за хоби, Китановски истакна дека соколарството за него претставува начин на живот, а потсети и дека во минатото тоа се сметало за професија. Тој го истакна примерот со османлиската војска во која постоеле соколари, чии птици јавувале дали им се приближува непријателот.

„На пример, ќе украде нешто од некоја војска што се доближува, некое јадење или нешто друго, некој шлем и ќе го донесе докај Османлиите за тие да дознаат дека таму има некакво движење“, вели Китановски.

Тој, исто така, напомена дека соколарите и во денешно време можат да придонесат во општеството, а за тоа постојат примери на некои меѓународни аеродроми, каде што има вработено соколари. Тие со своите птици грабливки се грижат помалите птици да не прават гнезда во моторите на авионите, при што можат да го оштетат моторот на авионот и да предизвикаат фатални последици.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.