Чавушоглу: „На Турција и ЕУ потребни им се конкретни чекори за позитивна атмосфера“
„Многу е важно да се создаде позитивна атмосфера, но за да може таа агенда да биде одржлива, потребни ни се конкретни чекори од обете страни“

БРИСЕЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека е важно да се воспостави позитивна атмосфера во односите на Турција и Европската Унија (ЕУ) и дека се потребни конкретни чекори за таа да биде одржлива, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу синоќа пристигна во Брисел на дводневна посета за преговори со високите официјални претставници на ЕУ и НАТО.
Зборувајќи на заедничката прес-конференција со шефот на ЕУ за надворешна политика, Џозеп Борел, Чавушоглу изјави: „Многу е важно да се создаде позитивна атмосфера, но за да може таа агенда да биде одржлива, потребни ни се конкретни чекори од обете страни.“
Додавајќи дека 2020 година била проблематична година за односите меѓу Турција и ЕУ поради Заедничката декларација по Самитот во декември, Чавушоглу рече: „Оттогаш двете страни изразија волја, со цел да се создаде позитивна атмосфера за развој на врските меѓу двете страни.“
Турскиот министер истакна дека тој и неговиот колега од ЕУ, Борел, ќе разговараат за широк спектар на прашања во врска со односите меѓу ЕУ и Турција пред состанокот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
„Ќе разговараме за Декларацијата за миграција која Турција веќе ја предложи за обновување. Ќе разговараме, исто така, за деталите за мултилатералната конференција за ситуацијата во Источниот Медитеран“, изјави тој за новинарите.
„Некои други прашања како што се визната либерализација, модернизацијата на Царинската унија на Турција со ЕУ од 1995 година и други конкретни чекори што заедно ќе ја градат иднината на ЕУ и Турција, исто така, ќе бидат на агендата“, рече Чавушоглу.
Турските и европските официјални претставници ќе разговараат и за развојот на заеднички решенија за други регионални предизвици.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.