Турција: Приведени 220 лица под сомнение за затајување данок во врска со горива
- Направениот криминал Турција ја чинеше 15 милијарди лири, односно повеќе од 2 милијарди долари во текот на 5 години, покажаа податоците на Одборот за истрага на финансискиот криминал (МАСАК).

АНКАРА
Турската полиција денес приведе 220 осомничени лица низ цела Турција во најголемата акција во историјата на оваа земја против затајувањето данок во врска со горивата, известува Агенција Анадолија (АА).
Полициската акција под името „Силиџи“ се спроведува во 50 турски области, како дел од истрагата што ја започна Јавното обвинителство во Истанбул.
„Приведени се 220 осомничени за нанесување финансиска штета на владините органи по пат на информациски системи“, соопшти турското Министерство за внатрешни работи.
Запленети се компјутери и мобилни телефони, како и финансиски документи во текот на акцијата што е спроведена со учество на даночни инспектори и експерти за приходи на 242 пункта, вклучувајќи и 170 бензиски пумпи и 23 компании за дистрибуција на горива.
Податоците за продажба на најмалку 608 милиони литри горива се избришани од бензиските пумпи по пат на неовластена употреба на контролниот систем.
Тоа доведе до загуба на горива во вредност од 3,6 милијарди турски лири (околу 482 милиони долари), што Турција ја чинеше 15 милијарди лири, односно повеќе од 2 милијарди долари во текот на 5 години, покажаа податоците на Одборот за истрага на финансискиот криминал (МАСАК).