Европската комисија ја одобри Агендата за реформи на Босна и Херцеговина
Агендата ги дефинира приоритетните реформи за забрзување на зелената и дигитална транзиција, јакнење на развојот на приватниот сектор, задржување на талентите и јакнење на темелните права и владеење на правото
САРАЕВО (АА) - Европската комисија позитивно ја оцени Агендата за реформи на Босна и Херцеговина, клучен чекор за добивање 976,6 милиони евра од рамките на Инструментот на Европската Унија за реформи и раст, јавува Анадолу.
Комисијата заклучи дека Агендата за реформи, доставена на 30 септември 2025 година, ги исполнува целите на Уредбата за Инструментот за раст.
Агендата ги дефинира приоритетните реформи за забрзување на зелената и дигитална транзиција, јакнење на развојот на приватниот сектор, задржување на талентите и јакнење на темелните права и владеење на правото. Сега Босна и Херцеговина треба да го потпише и ратификува Договорот за помош и Договорот за заем, соопшти Делегацијата на ЕУ во БиХ.
Распределбата на средства за Босна и Херцеговина, вклучително и претходното финансирање, може да започне само откако ќе стапат на сила горенаведените договори и откако ќе бидат исполнети сите услови.
Планот за раст на Западен Балкан претставува мапа на патот за приближување на економиите на Западен Балкан кон Европската Унија.
Планот за раст вклучува шест милијарди евра за инвестиции во регионот, врз основа на принципот на инвестиции и реформи. Исто така, обезбедува подготовка за пристапување кон единствениот пазар, што ќе им овозможи на граѓаните на Западен Балкан да искористат некои од раните придобивки од европската интеграција. Исплатата на средствата ќе биде условена од успешното спроведување на Агендата за реформи, која вклучува реформи во фундаменталните области, како и социоекономски реформи, во соработка со Европската комисија.
Со ова одобрување, сите шест партнери од Западен Балкан сега усвоија реформски агенди и може да имаат корист од Инструментот додека напредуваат на својот европски пат.
