Турција: Во акција против структурите на ФЕТО во Истанбул приведени 29 лица
Полицијата вчера наутро започна операции за лишување од слобода на 37 осомничени лица, а досега се фатени 29 лица

ИСТАНБУЛ (АА) - Во акција против структурите на терористичката организација ФЕТО спроведена во Истанбул, Турција, приведени се 29 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Екипи на Одделот за борба против финансиски криминал во Истанбул започнаа акција за фаќање на лицата кои се товарат дека биле регистрирани во компании во рамките на холдингот „Кајанк“, земале заеми од други банки или со други методи ја финансирале Банката „Асја“, биле членови на синдикати и здруженија затворени со одлука на властите, и кои се пријавени за сомнително однесување кога станува збор за членство во организацијата.
Полицијата вчера наутро започна операции за лишување од слобода на 37 осомничени лица, а досега се фатени 29 лица.
За две лица е утврдено дека поради заразувањето со Ковид-19 се наоѓаат на одделите за интензивна нега, а за четири лица дека се во странство.
Се трага по две лица кои се во бегство.
Со анализа на запленетите докази и дигиталниот материјал установено е дека членовите испраќале е-пошта едни на други, со цел зголемување на мотивацијата за ангажман во рамките на терористичката организација, и дека испратиле апликации до Врховната изборна комисија (YSK) за да бидат набљудувачи на изборите на 7 јуни 2015 година.
Во тек е процесуирање на осомничените.
Исто така, во неколку града во Турција, меѓу кои и во Истанбул, започната е посебна координирана операција за лишување од слобода на 19 лица за кои се верува дека се дел од структурите на терористичката организација ФЕТО.
Во рамки на истрагата против структурите на терористите на ФЕТО која ја води Канцеларијата за борба против тероризмот при Обвинителството во Истанбул, а врз основа на дешифрираната комуникација преку системот за тајно комуницирање „БајЛок“ (ByLock) и сведочењето на покајниците, издаден е налог за приведување на 19 лица. Се сомничат дека учествувале во формирањето на структури меѓу учениците и студентите и дека многу ученици кои дошле на школување од Анадолија во Истанбул биле регрутирани и сместени во објекти управувани од припадници на терористичката организација.
Тимови на Разузнавачката служба во Истанбул, како и од Одделот за борба против криумчарење, започнаа координирана акција во седум турски градови, меѓу кои и во Истанбул. Целта е приведување на лицата кои се сомничат дека ги контролирале учениците кои се вратиле во своите домови поради онлајн наставата во време на пандемијата, како и дека преку системот за комуникација издавале наредби во име на терористичката организација.
Акциите се во тек, фатени се неколку осомничени, а претресите сѐ уште траат.
Операцијата се спроведува во седум подрачја, а се трага по 48 адвокати, седум приправници, тројца суспендирани судии, едно суспендирано лице кое требало да биде судија и еден дипломец од Правниот факултет.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.