Нестандардно кафуле во турски Самсун: Посетителите управуваат мини багери додека пијат кафе
Во потрага по автентичност, Омер Каан и Неслиѓул Мисирлиѓул Донум ги оставиле своите канцелариски костуми со идеја да отворат поинаков бизнис
САМСУН (АА) - Во областа Атакум во турскиот град Самсун, брачен пар претприемачи ги враќаат своите клиенти во детството, нудејќи им можност да си играат со врвна реплика на минијатурни градежни машини во градилиште сместено во нивното кафуле, јавува Анадолу.
Во потрага по автентичност, Омер Каан и Неслиѓул Мисирлиѓул Донум ги оставиле своите канцелариски костуми со идеја да отворат поинаков бизнис.
Двојката реализирала интересен проект со создавање на мини градилиште во нивното кафуле. Додека ги пијат своите пијалаци, гостите имаат можност да управуваат со играчки кои се реплика на градежни машини на далечинско управување и 4x4 возила. Овие играчки привлекуваат големо внимание и кај децата.
Во кафулето, кое е особено популарно кај децата и семејствата, посетителите преземаат задачи на одредени делови од теренот и се обидуваат да ја завршат патеката.

Омер Каан Донум изјави за АА дека го реализирале проектот за кој сонувал одамна, нагласувајќи дека целта им е да понудат поинакво искуство со минијатурни градежни машини.
Тој истакна дека минијатурите се дизајнирани според принципите на работа на вистинските машини и дека корисниците многу уживаат во тоа.
„Всушност, ова беше мој детски сон. И како дете секогаш многу сакав да си играм со вакви играчки“, рече Донум, додавајќи дека иако се нови, добиваат многу позитивни критики.

- „Учат како да ја играат играта, а воедно и вежбаат трпение“ -
Неслиѓул Мисирлиѓул Донум истакна дека долго време истражувале што би можеле да направат, разгледувајќи слични примери во странство. Ова што го создале нуди едукативна средина и за децата.

„Посетителите не гледаат само во своите екрани, туку управуваат со моќни, минијатурни 4x4 возила и багери низ детално уредено мини градилиште. Тое се прецизни минијатурни реплики на вистинските возила и се доста моќни. Услугите се наменети за сите над 10 години. Учат да играат фокусирано и посмирено, бидејќи овие возила не дозволуваат брзо возење. За возрасните, пак, ова е одлична активност за враќање во детството, носталгично чувство и вистинско 'ресетирање' на умот.“
Хакан Озтурк, еден од клиентите, сподели дека допатувале од Анталија во посета на семејството, но штом го виделе кафулето, веднаш им го привлекло вниманието.
