Турција

Турскиот проект „Нула отпад“ заштедува електрична енергија еквивалентна на годишните потреби на 54 милиони домаќинства

Преку проектот се заштедени два билиони литри вода, што одговара на двегодишната потрошувачка на Истанбул, како и 60 милијарди литри нафта, износ кој ја надминува вкупната годишна потрошувачка на гориво на сите возила во Турција

Fatma Sevinç Çetin  | 30.03.2026 - Обновена : 30.03.2026
Турскиот проект „Нула отпад“ заштедува електрична енергија еквивалентна на годишните потреби на 54 милиони домаќинства

АНКАРА (АА) - Турција преку својот проект „Нула отпад“ оствари заштеда на електрична енергија еквивалентна на годишните потреби на 54 милиони домаќинства, изјави денес турското Министерство за животна средина, урбанизам и климатски промени, пренесува Анадолу.

Со почетокот на проектот „Нула отпад“ од 2017 година, земјата забележала значителни придобивки во поглед на животната средина, енергијата, намалувањето на емисиите на стакленички гасови и складирањето отпад, се вели во официјалното соопштение од Министерството. До денес, 217.000 згради и објекти го имаат имплементирано системот за управување со нула отпад.

Националната стапка на рециклирање, која во 2017 година беше застаната на 13 отсто, во 2024 бележи раст на 36,08 отсто, додека минатата година достигнала до 37,53 отсто. Цел на Турција е овој процент да достигне раст на 60 отсто до 2035 година, а до 2053 година да се искачи на рекордни 70 отсто. Како дел од движењето, 28 милиони луѓе поминаа обуки за подигнување на јавната свест.

Во периодот од 2017 година до крајот на 2025 година обработени се вкупно 90 милиони тони отпад што може да се рециклира. Од нив, 36,1 милион тони се хартија и картон, 10,2 милиони тони пластика, 3,5 милиони тони стакло, 9,6 милиони тони метал и 30,6 милиони тони органски и друг вид отпад.

Собраниот отпад овозможил заштеда од 270 милијарди киловат-часови електрична енергија, што е еквивалентно на годишните потреби за електрична енергија на 54 милиони домаќинства. Дополнително, преку проектот се заштедени два билиони литри вода, што одговара на двегодишната потрошувачка на Истанбул, како и 60 милијарди литри нафта, износ кој ја надминува вкупната годишна потрошувачка на гориво на сите возила во Турција.

Иницијативата, исто така, ослободила простор за складирање отпад со големина од приближно 55.000 фудбалски игралишта, го спречила сечењето на 613 милиони дрвја, што е еднакво на 7 отсто од шумите во Турција, и избегнала емисија на 180 милиони тони стакленички гасови, што соодветствува на годишниот јаглероден отпечаток од околу 36 милиони возила.

Во рамките на проектот „Син нула отпад“ до 2026 година се собрани и отстранети над 325.000 тони морски отпад, со што од морињата е исчистена количина еквивалентна на 23.000 камиони со смет. Турција, исто така, го задржа своето трето место на глобално ниво со вкупно 577 плажи со сино знаме.

Во декември 2022 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои резолуцијата за нула отпад, предводена од Турција и поддржана од 105 земји, прогласувајќи го 30 март за Меѓународен ден на нула отпад.

Првата дама, Емине Ердоган, го одржа воведното обраќање на првото одбележување на овој ден во 2023 година, во Генералното собрание на ОН, а во моментов претседава со Советодавниот одбор на истакнати личности на ОН за нула отпад. Претседателот Реџеп Таип Ердоган стана првиот потписник на Глобалната декларација за добра волја за проектот „Нула отпад“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.