Турција

Турскиот претседател Ердоган повика на примирје помеѓу Русија и Украина

„Нашиот повик до Русија и Украина е да го прекинат огнот што е можно поскоро“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со претседателката на Косово Вјоса Османи-Садриу

Handan Kazancı  | 01.03.2022 - Обновена : 02.03.2022
Турскиот претседател Ердоган повика на примирје помеѓу Русија и Украина Фото: Emin Sansar/AA

АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го повтори својот повик за прекин на огнот помеѓу Русија и Украина, додека судирите продолжуваат шести ден, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Нашиот повик до Русија и Украина е да го прекинат огнот што е можно поскоро“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со претседателката на Косово Вјоса Османи-Садриу во Претседателскиот комплекс во Анкара.

Ердоган ги повика и Москва и Киев да дадат придонес за светскиот мир.

Откако започнаа руските напади на Украина минатиот четврток, тие беа пречекани со бес од меѓународната заедница, поради што ЕУ, Велика Британија и САД наметнаа низа економски санкции кон Русија.

Според податоците на ОН, досега во Украина животот го загубиле најмалку 136 цивили, меѓу кои 13 деца, а 400 се повредени, од кои 26 се деца.

Околу 660.000 луѓе пребегаа од Украина во соседните земји, соопшти денес Агенцијата за бегалци на ОН.

- Можното членство на Украина во ЕУ -

Ердоган ја поздрави можноста за пристапување на Украина кон ЕУ: „Ги цениме напорите за членство на Украина во ЕУ. Но, ги прашувам членките на ЕУ, зошто ве загрижува членството на Турција во ЕУ?

Повикувајќи го Блокот да ја покаже истата чувствителност кон Турција како кон Украина во однос на пристапувањето, Ердоган праша: „Дали ќе ја ставите Турција на дневен ред кога некој ќе нападне?“.

Во понеделникот, украинскиот претседател Владимир Зеленски повика на итно пристапување на Украина во ЕУ.

„Ја повикуваме Европската Унија за итен пристап на Украина според нова посебна процедура“, рече Зеленски во обраќањето до нацијата.

Турција поднесе барање за членство во ЕУ во 1987 година, а преговорите за пристап започнаа во 2005 година. Преговорите заглавија во 2007 година поради приговори од страна на администрацијата на кипарските Грци за поделениот остров Кипар, како и противењето на Германија и Франција.

Денес, Европскиот парламент усвои резолуција со која бара кандидатура од ЕУ за Украина, ден откако осум земји на Блокот: Бугарија, Чешката Република, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Словенија и Словачка изразија своја поддршка на повикот на Зеленски.

- Членството на Косово во НАТО -

За евентуалното членство на Косово во НАТО Ердоган рече дека Анкара ќе преземе чекори за да се признае балканската земја како членка на НАТО.

„Отсекогаш сме се залагале и сè уште се залагаме дека би било корисно проширувањето на НАТО“, рече Ердоган и додаде дека Турција го сака тоа за мир во светот.

Турскиот претседател, исто така, ја истакна важноста на борбата против терористичката организација ФЕТО, која стои зад неуспешниот обид за пуч во Турција во 2016 година.

„Од големо значење е да се стави крај на постоењето на терористичката организација која ја имаше за цел нашата демократија“, рече Ердоган.

ФЕТО има значително присуство надвор од Турција преку приватните образовни установи кои служат како средства за прилив на приходи за терористичката организација.

Заедно со нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, ФЕТО го организираше неуспешниот државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 луѓе, а 2.734 беа повредени.

Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.

- Поддршката на Турција за Косово -

Од своја страна, косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу истакна дека како сведок на руско-украинската војна, нејзината земја сега смета дека „е време Косово да се приклучи на НАТО“.

Таа нагласи дека Турција беше една од првите земји што го призна Косово кога прогласи независност во 2008 година, додавајќи дека Анкара има многу важна улога во НАТО, и му се заблагодари на Ердоган за поддршката.

Во текот на денешниот ден Турција и Косово потпишаа три договори за соработка.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.