Турција

Портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател: „Ердоган утре ќе разговара со Путин“

„Турција е еден од ретките актери кои можат да разговараат со двете страни. Нашиот претседател има многу добри односи и со Путин и со Зеленски. Фокусирани сме на тоа што можеме да го направиме за да придонесеме да се стави крај на војната...“

Zeynep Rakipoğlu, Elif Küçük  | 05.03.2022 - Обновена : 05.03.2022
Портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател: „Ердоган утре ќе разговара со Путин“

ИСТАНБУЛ (АА) - Портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера имал телефонски разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски и со британскиот премиер Борис Џонсон во врска со руско-украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Денес ќе продолжи со разговори со челничката на Европската Унија и премиерот на Канада. Утре ќе разговара и со рускиот лидер Владимир Путин“, рече Калин во обраќањето пред новинарите во Истанбул.

Потсетувајќи дека војната во Украина трае веќе десет дена и дека разорувањето продолжува, Калин рече дека Турција прави напори да се запре оваа војна. Во тој контекст, Калин додаде дека претседателот Ердоган води многу интензивни дипломатски разговори.

„Исто така, продолжуваме со апелите до сите страни, особено до руската страна, веднаш да ги прекинат нападите и да седнат на преговарачка маса“, рече Калин, и додаде:

„Нашиот основен принцип е, секако, зачувување и почитување на територијалниот интегритет, суверенитет и политичкото единство на Украина во рамките на меѓународното право. Исто така, нашиот основен пристап е и да, што и да се загриженоста и барањата што Русија ги изнесе, тоа сепак треба да се решава со преговори, а не со војна“, рече тој.

Калин, исто така, изјави дека резултатите ќе бидат многу поразителни ако војната во Украина потрае.

„На пример, нападот врз најголемата нуклеарна централа во Украина е јасен пример за можно сценарио за катастрофа. Таму всушност е избегната голема катастрофа. Додека се води таква војна, нуклеарна експлозија би предизвикала големо разорување во целиот регион. Евидентирани се цивилни жртви, воени жртви. Градовите се рушат. Ова мора да се спречи. Сите наши напори, заедно со сите наши сојузници, имаат за цел да спречиме војна со мобилизација на сите средства што ни се на располагање“, рече Калин, порачувајќи:

„Турција е еден од ретките актери кои можат да разговараат со двете страни. Нашиот претседател има многу добри односи и со Путин и со Зеленски. Фокусирани сме на тоа што можеме да го направиме за да придонесеме да се стави крај на војната. Турција е подготвена да го даде својот придонес.“

Истакна дека во таа смисла дипломатските напори на турскиот претседател Ердоган додатно ќе се интензивираат.

На прашањето дали Турција размислува да донесе одлука за санкции кон Русија, Калин рече дека не планираат санкции кон Москва.

„Во овој момент немаме план за санкции. Пред сè, не сакаме да бидеме доведени во позиција да бидеме страна во оваа војна. Мораме и понатаму да продолжиме да разговараме со двете страни. Секако, не сакаме ова негативно да влијае на нашата економија. Мораме да се запрашаме ако сите ги срушат мостовите со Русија, кој тогаш ќе разговара со Русија? Од голема важност е соговорникот на кој руската страна му верува и понатаму да разговара со него. Само на овој начин може да се избегнат големи судири и војни. Оваа линија на доверба мора да биде отворена за да се постигне успех во преговорите и во дипломатијата. Турција во таа смисла ќе продолжи да го пружа својот придонес. Во спротивно, нема да биде можно да се спаси целиот регион од овие разорувања“, рече Калин.

На прашањето за можниот исход од преговорите меѓу претставниците на Украина и Русија, Калин рече дека е важно да се водат преговори.

„Не сакам да бидам песимист, но додека продолжуваат овие интензивни напади врз украинските градови, би било наивно да се очекува од преговарачката маса конкретно обврзувачки исход што директно ќе влијае на ситуацијата на терен на позитивен начин. Затоа руската страна треба да ѝ даде сериозна шанса на преговарачката маса. Во секој случај, тие не би требало да продолжат со понатамошно уништување и треба да овозможат конкретен резултат на преговарачката маса што позитивно ќе влијае на реалноста на терен“, рече Калин.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.