Ердоган: Турција и Египет работат заедно за мир во Газа и за стабилноста на Либија
„Турција работи заедно со Египет на иницијативи за овозможување на мир во Газа и ќе продолжи со овие напори“
ИСТАНБУЛ (АА) – Турција и Египет работат заедно на напорите за мир во Газа, како и на стабилноста во соседна Либија, истакна денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Турција работи заедно со Египет на иницијативи за овозможување на мир во Газа и ќе продолжи со овие напори“, изјави Ердоган на заедничката прес-конференција во Каиро со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.
„Нашата заедничка цел со Египет продолжува да биде зачувување на единството и територијалниот интегритет на Либија со цел да се воспостави трајна стабилност во земјата“, додаде тој.
Истакнувајќи дека Египет е веќе најголемиот трговски партнер на Турција во Африка, Ердоган рече дека Анкара има за цел да го зголеми обемот на билатерална трговска размена од 8-9 милијарди долари на 15 милијарди долари.
„Турција сака да ја зајакне својата соработка со Египет во областите на поморската трговија и транспорт, слободата на навигација и поморската безбедност“, рече турскиот претседател.
Тој, исто така, нагласи дека Турција го отфрла признавањето на отцепениот регион Сомалиленд од страна на Израел, наведувајќи ја потребата од заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сомалија.
Во врска со ситуацијата во јужниот сосед на Египет, Судан, Ердоган рече дека Анкара сака прекин на огнот во Судан, а потоа и одржлив мир во земјата.
Во однос на зголемените тензии меѓу Вашингтон и Техеран, Ердоган рече: „Решавањето на прашањата со Иран, вклучително и нуклеарното прашање, преку дипломатски средства е најсоодветниот метод“.
Во врска со Сирија, турскиот претседател рече дека Турција ја поддржува големата трансформација на Сирија, бидејќи регионот ќе има голем бенефит од територијалниот интегритет и политичкото единство на Сирија.
Ердоган, исто така, нагласи дека и покрај повеќемесечниот прекин на огнот, хуманитарната трагедија во Газа сè уште трае.
Тој ги пофали напорите на Каиро за доставување на хуманитарната помош испратена од Турција до рацете на Палестинците во Газа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
