Турција

Турција: Обидите за поткопување на демилитаризираниот статус на Егејските Острови се „несериозни и несоодветни“

- Министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека правниот статус на Источноегејските Острови и Додеканези не е „прашање за кое може да се дебатира“

Esra Tekin  | 05.03.2026 - Обновена : 05.03.2026
Турција: Обидите за поткопување на демилитаризираниот статус на Егејските Острови се „несериозни и несоодветни“

ИСТАНБУЛ (АА) – Турција денес упати остри критики кон обидите за поткопување на демилитаризираниот статус на Егејските Острови, нарекувајќи ги таквите потези „несериозни, несреќни и несоодветни“, јавува Анадолу.

Министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека правниот статус на Источноегејските Острови и Додеканези не е „прашање за кое може да се дебатира“ во рамките на Договорот од Лозана од 1923 година и Парискиот мировен договор од 1947 година.

„Не изненадува тоа што одредени кругови, кои постојано се обидуваат да ги трујат нашите билатерални односи со нашиот НАТО-сојузник Грција, повторно се обидуваат да наметнат нова реалност на теренот“, изјави портпаролот на Министерството, Онџу Кеџели.

Тој додаде дека сите чекори преземени од овие кругови - кои ја обвинуваат Турција за ревизионизам додека сами дејствуваат спротивно на меѓународното право, ќе се сметаат за ништовни и неважечки.

„Уште повпечатлив е фактот дека истиот менталитет што во минатото се обидуваше колективно да ги елиминира кипарските Турци, косопственици на островот Кипар, сега тврди дека ќе ги заштити“, предупреди тој.

Портпаролот нагласи дека кипарските Турци и Турска Република Северен Кипар (ТРСК), со поддршка од Турција, целосно се способни сами да ја осигурат својата безбедност и да дејствуваат независно.

Нагласувајќи ја важноста на „искрената посветеност на мирот и стабилноста“ во време на регионални превирања, Кеџели рече дека Анкара нема да дозволи успех на оние кои, водени од домашни политички мотиви, шират неосновани тврдења и дезинформации против Турција.

Тој ги повика инволвираните страни да дејствуваат со здрав разум.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın